Со низа настани и под слоганот „По Охрид“, во земјава се одбележува 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во 2001 година.
Потписници на Охридскиот рамковен договор беа тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски и на ДПА, Арбен Џафери.
Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ, Франсоа Леотар и на САД, Џејмс Пердју.
Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти, а во одредени написи што излегоа во текот на годините и Али Ахмети, кој ја предводеше ОНА. Договорот беше потпишан на 13 август во претседателската резиденција на Водно во Скопје.
Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување на политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците“.
Потоа следуваат точки што се однесуваат на Прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, Недискриминација и правична застапеност, Посебни собраниски процедури, Образование и употреба на јазици, Изразување на идентитет и Имплементација. Договорот содржи и три Анекси: А. Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.
Во контекст на спроведување на Договорот, во 2004 година беше основан Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, што сега прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секретаријатот имаше задача целосно да го спроведе Договорот и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Токму сегашното Министерство е организатор и ги предводи настаните за одбележување на 20 – годишнината од потпишувањето на договорот.
Централниот настан за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор е организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк и се одржа денеска во хотелот „Александар Палас“ во присуство на преку 200 поканети гости.
Во изминатите десет дена во рамки на одбележувањето се одржаа повеќе панел дискусии, а оригинална копија од Договорот беше доставена во Државниот архив.
Заев: Охридскиот договор ги постави темелите врз кои градиме заедничко општество
Одбележуваме значајна годишнина од договорот со кој беше обезбедена мирна иднина и натамошна демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници. Договорот ги постави темелите врз основа на кои ние како новоформирана влада во 2017 година го градиме нашето заедничко – едно и еднакво општество, вклучувајќи ги и почитувајќи ги подеднакво сите етнички идентитети и интереси на сите граѓани кои живеат овде, порача премиерот Зоран Заев на обраќањето на конференцијата „По Охрид“ по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор.
По Охрид, нагласи Заев, нашата земја гради зрели политики, и наместо конфликти разговараме за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи, а заедно со нашите соседи создаваме Отворен Балкан.
„По Охрид“ сите заедно, без разлика на нашата етничка, национална, верска, социјална и културна припадност изградивме едно еднакво општество каде секој може да најде просперитет и подобра иднина. Драго ми е, што по 20 години дискутираме за сите овие придобивки. Една од наважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот, заедно посветени на секоја индивидува, семејство и граѓанин, изјави Заев.
Охридскиот рамковен договор, нагласи Заев, ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други сограѓани.
Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани во заедничка ни татковина. Како држава ги презедовме сите неопхподни мерки за градење интегрирано опшество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ, порача Заев.
Создадовме граѓанска држава, посочи тој, со еднакви услови за сите кои живеат во неа.
Македоцни, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Дваесет годишнината од Охридскиот рамковен договор се совпаѓа и со 30-годишнината од независноста на нашата земја и 80-годишнината од народното востание и 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како наш прв чекор кон остварување на нашата заедничка цел за членство во ЕУ, изјави Заев.
Ахмети: Поделба на државата ќе беше трагична и за Албанците и за Македонците
Да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот. Секое унапредување на јазикот и на културата на другиот е напредок на државата. Колку е полојална државата кон граѓаните толку полојални се граѓаните во државата. Имаме уште многу да направиме и ќе направиме.
Ова е пораката што лидерот на ДУИ Али Ахмети ја упати на денешната конференција на тема „По Охрид“, по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Целосната имплементација и примена на Охридскиот мировен договор, на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија да се применат од точка до точка сите обврски да бидеме бескомпромисни во борбата против корупцијата и криминалот. Ние Европа ја имаме блиску на прагот, но задачите треба да ги направиме сами. Ние сме земја членка на НАТО, ние треба да ја избришеме во нашите глави таа класична автономија или независност, нагласи Ахмети.
Истакна дека имаат големи историски одговорности и како политичка партија да работат со луѓето да ги надминат предрасудите.
Уште во оваа држава има стереотипи и предрасуди. Сè уште има заинтересираности кои се мотивираат од идеологии и држави кои не сакаат нашата држава да напредува, туку сакаат нивни влијание да доминираат во нашата држава. Ние немаме друга алтернатива, рече Ахмети.
Во својот говор се осврна и на времето пред да се потпише Охридскиот рамковен договор.
Беше една прилика, посебна прилика, од која се изненади не само државата туку и меѓународната заедница што се случува едно утро во Република Македонија. Нормално јас припаѓав на студентската организација и движење, нема студентско движење на земјината топка кое сака воени дејствија. Нашите тогашни барања се задушија со железо, со крв. Се затворија стотици студенти, илјадници студенти. Тоа време ние поставивме барање да се школуваме во нашата држава во Скопје да се отвори универзитет на албански јазик, рече Ахмети.
Сите наши барања, додаде, беа наградени со затвор, со убиства, со репресии, со апсења, и се роди плурализмот, во 90-тите години.
Токму ние како водачи на студентските движења, имавме направено и политичка организација и со еден весник, единствен опозициски весник во тогашната Југославија. Единствена опозициска организација што бараше правда, еднаквост, демократија за сите граѓани. Но, не ни беше овозможено да дејствуваме легално и потоа се појави легалното движење, ние го поддржавме тоа движење со најдобра намера дека ќе се случат измените дека ќе има унапредувања, но се разочаравме, рече Ахмети.
Лошото, вели тој, се случи, револтот се зголеми и биле во ситуација дали состојбата ќе се стави под контрола.
Не беше лесно ниту за мене, ниту за моите соборци, бидејќи оваа држава беше позната како оаза на мирот и поради албанските претставници дотогаш кои не успеаја значително да ја убедат меѓународната заедница работите да одат подобро и да се унапредат. Иако бевме свесни дека Албанците овде беа маргинализирани во Собранието и беа само еден сервис и служба и само шепотеа тоа што се зборуваше од горе. Војната не можеше да биде сопрена и немаше да биде запрено ова движење. Но, работата беше дека насоката требаше да биде добра и правилна, рече Ахмети.
Нагласи дека минале низ многу потешкотии и премрежја.
Најголемата потешкотија која ќе беше трагична и за Албанците и за Македонците ќе беше поделбата на оваа држава. Тогаш, пред 20 години, и таа опција беше на маса и јас ќе бидам благодарен на НАТО, Вашингот и Брисел дека најдовме сила, поддршка против оваа трагична опција со непредвидливи последици за нашите граѓани, заклучи Ахмети.
Пендаровски: Рамковниот договор е предност, а не пречка за наш развој и просперитет
Три документи се издвојуваат по своето значење за стабилноста и иднината на земјата: првиот устав од 17 ноември во 1991-та кој комисијата на Бадинтер го дефинира како точка на наша формална дисолуција од поранешна Југославија, потоа, Охридскиот договор од 2001-та и Преспанскиот договор од 2018-та, кој ни овозможува влез во меѓународните организации со дефинирани идентитетски маркери и за државата и за македонскиот народ, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Конференција “После Охрид” по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
За Охридскиот договор коментарите надвор од земјата беа позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа, внатре во земјата, тие не можат да бидат поразлични, не само меѓу политичките субјекти. За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите. Сепак, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција, имено, во првите неколку години по потпишувањето, мнозинство етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа, покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата на општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии, рече Пендаровски кој беше близок соработник на двајца од потписниците на договорот.
Тој додаде дека дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, од време на време се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а, не заради имплементацијата на договорот. Денес, вели тој, во сите анкети, Рамковниот договор или не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу на листата на негативни безбедносни индикатори.
Борел: Иднината на С. Македонија и целиот Западен Балкан е во ЕУ
Пред 20 години С. Македонија, заедно со поддршка на ЕУ и меѓународните медијатори, храбро избра компромис и одговорност, изјави потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во видеопораката до учесниците на конференцијата по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
Според него, денес сите прашања во земјава се решаваат во јавна дебата и со преговори, постои правичната застапеност во институциите и високите служби, а постои и простор за уште подобрување, како што е поголемо учество на немнозинските заедници во земјата или во образовниот сектор.
Рамковниот договор, додаде Борел, носи придобивки за сите граѓани на оваа земја без оглед на нивната етничка припадност. Тие можат да доаѓаат од различни заедници, меѓутоа оваа земја е нивниот заеднички дом.
ЕУ ќе продолжи да ги поддржува демократските процеси и економскиот развој на Северна Македонија додека земјата напредува во своетоте движење кон ЕУ. Иднината на Северна Македонија и целиот Западен Балкан е во ЕУ, порача шефот на европската дипломатија Борел.
Прајс и Брнз: Охрид и Преспа ја однесоа земјата во НАТО и на прагот на ЕУ
САД се гордеат што заедно со Северна Македонија ја прославуваат 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор кој одигра суштинска улога во воспоставувањето на земјата како мултиетничка демократија и спречување на поголем конфликт, нагласи денеска Едвард Прајс портпарол на Стејт Департментот во видео порака на конференцијата „По Охрид“.
Во скоро време, по Преспанскиот договор, додаде тој, ви беше посакано добредојде како 30. сојузник во НАТО и изрази надеж дека наскоро ќе биде прославено и нашето членство во Европската Унија.
Според амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, Рамковниот договор не е совршен договор, но тој нуди исполнување на желби во иднина и преминување кон минатите несогласување. Како што рече, тоа е договор кој што нè однесе во НАТО и на прагот на Европската Унија.
Оваа земја е на балканскиот полуостров, на еден од највибрантните делови од овој регион, каде што се вложуваат огромни напори за токму различностите да бидат ваша силна страна, рече амбасадорката.
САД ќе продолжи да ги поддржува вашите напори, во справувањето со корупцијата и зајакнувањето на демократијата и зголемување на инклузивноста, рече Брнз.
Солана: Уверен сум дека скоро ќе ги почнете разговори со ЕУ
Имавте многу тешкотии на вашето патување. Имавте потешкотии во врска со вашето име што беше решено. Имавте проблеми со вашиот јазик што, исто така, е разрешено и по договорот со НАТО, сигурен сум дека многу скоро ќе имате можност да започнете формални разговори со Европската Унија, изјави поранешниот висок претставник на ЕУ Хавиер Солана, во рамки на своето видео обраќање на конференцијата „По Охрид“ по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор.
Ми претставува задоволство што имам можност со вас да прославам 20-годишнина од Охридскиот рамковен договор. Тој договор значеше многу за вас и вашиот народ, но, исто така, е многу важен и за мене. Тоа беше почетокот на едно патешествие на соработка помеѓу различни народи од земјата, изјави Солана.
Toj посочи дека ќе остане „многу добар пријател“ на нашата земја и дека доколку некогаш ни треба нешто од пријател, „воопшто не се двоумете да ме контактирате“.
„Ви посакувам многу среќа Северна Македонија“, порача Солана.
Робертсон: Бугарија да ја крене блокадата за С. Македонија
Не треба само носталгично да се осврнуваме на Рамковниот договор кој беше уникатен пример за крај на еден конфликт. Договорите ги има премногу во историјата, но, она што луѓето вистински го сакаат е работа, добро образование за нивните деца и надеж за иднината. Тоа мора да биде чекор понатаму од Охридскиот договор и тоа е нашата обврска, порача поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон во обраќањето на конференцијата по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
– Светот, Европа и Балканот мислам дека го потценија начинот на кој што Охридскиот договор дава пример, образец за решавање на конфликти. Тој има свои несовршености, мали, не сметаме дека е совршен и сè уште ќе има луѓе кои ќе сметаат дека сме им дале премногу или добиле премалку, рече Робертсон кој учествуваше во креирањето на Рамковниот договор.
Тој посочи и на членството во НАТО, кое и овозможува, вели, безбедна иднина на земјата, но и на подготвеноста за членство во ЕУ.
Пред 20 години, кога ПЈРМ така тогаш се викаше вашата земја, храбри и талентирани Македонци својата иднина ја гледа надвор од границите на својата земја, членството во НАТО беше само далечен сон. Сега ПЈРМ повеќе не постои на светската мапи, а Северна Македонија може да гледа безбедна иднина, како во странство така и дома. НАТО сега е реалност, а знамето на Република Северна Македонија гордо се вее на зградата на НАТО во Брисел. Тоа и треба да биде реалност за вашето членство во ЕУ. Подготвени сте, тешката работа ја направивте. ЕУ има потреба од вас и само на тој начин може да се консолидира напредокот што беше постигнат во овие две децении, рече поранешниот генерален секретар на Алијансата.
Тој упати и апел до Бугарија да ја крене блокадата на евроинтегративниот пат на земјава.
-Кога Бугарија бараше членство во ЕУ и НАТО, тие имаа добри пријатели во мене и во штабот на НАТО. Денешната ЕУ е составена од земји кои со години и векови биле непријателски настроени. Но, триумф на нашето доба е што овие непријатели денес седат заедно во оваа неверојатна Унија на слободни и интегрирани земји. Северна Македонија заслужува да биде таму и се надевам дека Бугарија ќе ги слушне едногласните барања од нивните пријатели и ќе ја крене блокадата за Северна Македонија, апелираше Робертсон, кој укажа дека и натаму е посветен да дава поддршка на земјава како дел од Охридската група за просперитетна иднина.