Двајцата ко-шефови на Дојче банк, Јирген Фичен и Аншу Џаин, ненадејно најавија свои оставки. Џаин официјално ќе замине кон крајот на месецов, а Фичен по следниот Главен собир на банката во мај 2016 година, соопшти и официјално денеска Дојче банк.
Како што пишува Дојче Веле, надзорниот одбор на Дојче банк го назначи поранешниот финансиски директор на ЈуБиЕс, (УСБ) Џон Крајен за наследник на Џаин со важност од 01.07.2015. По заминувањето на Фичен, Крајен ќе остане единствен шеф на Дојче банк. 54-годишниот Британец од 2013 година е член на Надзорниот одбор на Дојче банк. Од 2008 до 2011 година тој беше финансиски директор на банката ЈуБиЕс.
Од страна на Дојче банк информираат дека го замолиле Аншу Џаин до јануари 2016 година да остане на располагање како советник на банката. Фичен постепено ќе се повлекува од должностите заради континуитет и да овозможи новиот шеф целосно да ја преземе работата.




