Две експлозии го предизвикале падот на авионот Тупољев 154М кај Смоленск во Русија во 2010 година во која загина тогашниот претседател на Полска, Лех Качински, покажува најновиот извештај на полската истражна комисија која е задолжена да ги разјасни причините за несреќата. 

На 10 април во 2010 година, високи полски функционери, вклучително и шефот на државата, Лех Качински, началникот на Генералштабот на вооружените сили, политичари, свештеници и други функционери, со претседателски авион заминаа за Катин, во близина на Смоленск, Русија. Причина за патувањето беше да се оддаде почит на жртвите од масакрот во 1940 година, кога советската тајна служба НКВД во тамошната шума убила 22.000 претставници на полската елита.

„Вистинската причина за катастрофата во Смоленск биле две експлозии во последната фаза од летот“, се вели во извештајот.

Партијата на правото и правдата (ПиС) на Јарослав Качински, братот близнак на убиениот претседател, со години ја застапува тезата за експлозија.

Претходната истрага, покрената од либералната влада на Доналд Туск, ја отфрли тезата, заклучувајќи дека причина за несреќата, во која загинаа вкупно 96 лица, биле лошите временски услови.

Новиот извештај на 300 страници вели дека двете експлозивни направи најверојатно биле поставени за време на сервисот на авионот во Русија.

Според извештајот, сервисот бил извршен во фабриката „Авиакор“ во Самара, која тогаш била во сопственост на рускиот олигарх Олег Дерипаска, тогашен пријател на рускиот претседател Владимир Путин.

Комисијата внимателно ги избира зборовите во извештајот и вели дека имало „можност“ да се постават експлозивни направи и преку шифрирана радио порака да се предизвикаат експлозии во „посакуваното време и место“.

Според извештајот, на делови од авионот биле пронајдени траги од експлозив. Исто така, снимката го открива шокот и извиците на екипажот и патниците во последните секунди од летот, а бучавата се толкува како резултат на првата експлозија.

Во првичниот извештај беше заклучено дека авионот се судрил со дрво.

Новиот извештај сериозно ги обвинува руските контролори на летање дека „намерно“ им дале лажни информации на полските пилоти.

Барајќи да се идентификуваат можните нарачатели на операцијата, во извештајот се наведува „незаконско мешање“ против Качински во врска со неговата политика што била против интересите на Москва, но избегнува да зборува за „атентат“, како што Јарослав Качински ја нарече несреќата во неделата.

Тој бара во Полска и Русија да се откријат и да се казнат виновниците за несреќата.

Москва одбива да ги предаде остатоците од авионот, кои Варшава ги бара со години и вели дека ќе може да го стори тоа само откако ќе ја заврши сопствената истрага.