Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија, Управата на криминалистичката полиција, во соработка со Обвинителството за организиран криминал и Вишото јавно Обвинителство и Посебното Обвинителство за борба против високотехнолошки криминал идентификуваа вкупно 19 мејл адреси од кои 18 преку сервисот на Gmail и една на сервисот ProtonMail од кои пристигнувале заканувачки пораки за поставени бомби на различни локации низ земјата.

„Утврдено е дека осум такви закани стигнале од Полска, четири од Гамбија, по две од Иран и од Нигерија и по една од Украина, од Словенија и од Русија“, соопшти вечерва српското МВР.

Припадниците на српската полиција идентификувале и лице кое во текот на вчерашниот ден преку телефон упатило закани со иста содржина.

Со цел за идентификација на испраќачите на заканите и нивно процесуирање за сторени кривични дела, а со оглед дека станува збор за странски државјани кои не живеат во Србија, во тек е меѓународна размена на податоци меѓу Министерството за внатрешни работи преку Интерпол и Европол со надлежните органи во Шведска, во Литванија, во Швајцарија, во Русија и во Унгарија, како и со компанијата Гугл.

Од 11 март до денеска, преку мејл или телефонски повици, во 48 наврати стигнале стотици заканувачки пораки од странство за наводни експлозивни направи поставени на јавни места или во институции на различни адреси во Србија.

Пораки со заканувачка содржина во изминатите денови праќале и граѓани на Србија. За лажни пријави за поставени бомби во јавни објекти, припадници на српското МВР за четири дена процесуирале осум лица, државјани на Србија – уапсени се двајца од нив, додека против шест малолетници се поднесени кривични пријави во редовна постапка.