Во Италија починаа двајца луѓе заразени од коронавирусот. Едниот, маж на 78 години бил заразен од коронавирусот во италијанскиот град Падова почина, а втората жртва на корона вирусот е жителка на регионот Ломбардија.
Како што објавија италијанските медиуми, претходно е соопштено дека вчера биле регистрирани вкупно 15 случаи на заразени од коронавирус во регионот Ломбардија, како и два во Венето.
Италија досега има регистрирано 30 заразени случаи од новиот вирус.
Во повеќе од десет градови во италијанските региони Ломбардија и Венето една недела ќе бидат затворени сите училишта, продавници и ресторани поради ширење на коронавирусот во таа земја.
Првичниот налог, кој го издаде италијанското Министерство за здравство, опфати десет градови околу Лоди, југоисточно од Милано, но некои градови надвор од тоа подрачје, како што е Кремона, вовеле сопствени рестрикции.
Властите ги повикаа граѓаните да останат мирни, откако во Италија се потврдени 30 случаи на коронавирус, од кој починаа две лица.
Истовремено, денеска во Рим пристигнаа 19 италијански државјани кои изминатите две недели беа во карантин на крузерот „Дајмонд принцес“, закотвен во јапонското пристаниште Јокохама. Тие веднаш се префрлени во воената база Чекињола, каде ќе останат во изолација уште две недели.




