По утринската вест дека е соборен руски воен авион Су-24 и препукувањата помеѓу Русија и Турција дали авионот летал над турскиот или сиријскиот воздушен простор, неизвесна е и судбината на двајцата пилоти кои успеале да се катапултираат при паѓањето на авионот.
Според CNN Турк, еден од пилотите го заробиле сиријските бунтовници Туркмени, кои се против сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој ја ужива поддршката на Москва. Се уште се испитува автентичноста на снимката.
Руското министерство за надворешни работи веднаш по инцидентот потенцираше дека авионот летал над Сирија на 6.000 метри висина кога бил погоден од земја.
„Правиме напори да откриеме што се случило со пилотите. Според прелиминарните податоци, пилотите успеале да се катапултираат“, соопшти министерството.
Турските медиуми објавија дека авионот бил соборен поради нарушување на воздушниот простор на Турција а дека пилотите биле најмалку 10 пати предупредени дека упаднале во турскиот воздушен простор.
Медиумите во Сирија објавија дека руски и сириски хеликоптери трагаат по пилотите што се катапултирале од рускиот авион што беше соборен од турската армија.




