Израсната во источна Германија како ќерка на пастор, денеска 61 годишната Ангела Меркел одбележува десет години како е канцелар на Германија.
Во политиката влегува на 36 години, а на 51 година станува прва жена на чело на една од најсилните држави – Германија.
Кога во 2005 година го прееде кормилото во Германија, процентот на невработеност во земјата бил 11 проценти. Десет години подоцна, се на се 6 проценти од Германците се навработени, а токму заслугата за економско опоравување на земјата, за будење на самодовербата и репозиционирањето на Германија на светската сцена и се припишуваат токму неа.
На најмоќната жена во светот според листата на Форбс, и се пришишува и лидерството во текот на финансиската криза во ЕУ, во решавањето на украинскиот конфликт, но и во најголемата бегалска криза што ја подели Европа. Токму последново се смета за еден од најголемите предизвици во нејзината досегашна кариера.
Од почетокот на нејзиниот трет мандат во 2013-та, Германија почна да игра поактивна дипломатска улога, но остана доследна на противењето на јакнење на воената улога на оваа земја во странство.
Земјата со најбројно население во ЕУ претрпе многу промени изминатите децении, но Меркел успеа да го задржи довербата на граѓаните пред се поради политичката и економската стабилност, поради што го доби и прекарот Мути.
Но, нејзината политика на „отворена врата“ кон бегалците почна да ја топи таа безрезервна поддршка, дури и во нејзината коалицијата ЦДУ-ЦСУ.
Запрашана неодамна, дали планира да се кандидира за четврти мандат во 2017-та , Меркел одби да одговори. Сепак, аналитичарите сметаат дека тоа ќе се случи, бидејќи според нив, и покрај критиките, таа нема достоен ривал ни алтернатива на внатрешно- политичката сцена.
Херфрид Минклер од Хумболт универзитетот во Берлин, вели дека никој, пред 10 години, не верувал дека Меркел толку долго ќе се задржи на власт. Според него тоа се должи на нејзината морална чистина, пресметана практичност и реалполитика, додека истовремено за медиумите, после толку долг стаж на светската политичка сцена, таа и натаму е вистинска енигма.




