Европската комисија го поздрави денеска апелот на францускиот претседател Емануел Макрон за „европска ренесанса“, иако, како што наведе, таа веќе со години работи на многу идеи кои се спомнати од Макрон.
Портпаролката на ЕК, Маргарет Шинас прочита листа на идеи, на кои ЕК и нејзиниот претседател Жан-Клод Јункер работат од 2014 година, меѓу кои се и идеите за погранична гарда и агенција за азил, како и предлозите за безбедност на храната и борбата со климатски промени.
– За европска ренесанса, Франција и ЕК водат иста битка, рече Шинас.
Таа заклучи дека за секој потег, кој бара измени на основачкиот договор, ЕУ мора да одлучи само меѓу државите членки.
Францускиот претседател Емануел Макрон повикува на „европска ренесанса” со цел да се спротивстави на „националистичкото самозатворање”. Тој притоа сподели неколку големи идеи за иднината на Унијата, со што официјално се вклучува во кампањата за идните европски избори.
Пред европските избори, Макрон сака да им се обрати на „граѓаните на Европа”. Шефот на француската држава, кој победи на претседателските избори со неговата проевропска ориентација, предложи неколку клучни идеи за иднината на Унијата. Предлозите опфаќаат три главни теми: „Одбрана на нашата слобода”, „Заштита на нашиот континент”, „Враќање на духот на напредокот”. Тие, според него, треба да ја „изградат ренесансата на Европа” и да го спречат „националистичко самозатворање кое не предлага ништо”.
– Ние мора да откриеме нови политички и културни облици на нашата цивилизација во светот што се менува, истакна Макрон, додавајќи дека „ситуација е ургентна”.
Според него, „како никогаш досега од Втората светска војна Европа не била толку неопходна. Но сепак, Европа никогаш не била толку многу во опасност“, инсистира тој.
Владата на Германија соопшти дека е важно проевропски сили да ги презентираат своите идеи за иднината на Европска Унија.
Сепак, официјален Берлин не ги коментираше детално последните реформски предлози на францускиот претседател Емануел Макрон.
– Важно е проевропските сили да ги определат своите концепти пред европските избори, се наведува во краткото соопштение на германската Влада, за апелот на Макрон гласачите да изберат посилна ЕУ.
Владата на Германија додаде дека „поддржува активна расправа за правецот на ЕУ”.
Од германската Влада, поддршка на Макрон му даде германската министерка за правда Катарина Барлеј, која денеска му изрази благодарност за неговиот план за „европска ренесанса“, додавајќи дека Европа треба да биде обединета и да стане посилна.
– Почитуван Емануел Макрон, ви благодарам за иницијативата! Ние Европејците сега мора да се собереме и заедно да ја направиме Европа посилна, напиша на Твитер Барлеј, водечки кандидат на социјалдемократите на европските избори во мај.
Апелот на францускиот претседател Емануел Макрон, објавен во публикации во 28 земји за посилна ЕУ, доби поддршка од премиерите на Белгија и Финска.




