Европската комисија вчера најави испраќање на хуманитарна помош од 150.000 евра за поплавените региони.

“Ја зголемуваме нашата помош да се покријат основните хуманитарни потреби како храна и вода за луѓето на кои тоа им е потребно”, изјави комесарот задолжен за хуманитарна помош Христос Стилијанидес.

Освен финансиската помош Комисијата во неделата, ден по поплавата, најави испраќање екипа од четворица експерти кои се веќе на теренот и кои се задолжени да ги утврдат штетите и да дадат препораки за поправка и реконструкција на канализационите системи кои беа погодени од надојдената вода.

ЕУ го активираше својот механизам за цивилна заштита за помош на настраданите во поплавите во Македонија. Оваа служба ја олеснува координацијата помеѓу земјите членки на ЕУ и Македонија, Исланд, Норвешка, Црна Гора, Србија и Турција.

ЕУ испрати и апарати за сателитски снимки од системот Коперник за службите кои работат во погодените подрачја со кои може да се лоцираат штетите и да се помогне во потргата за исчезнатите лица.