Еколошка активистка го прекина вториот полуфинален меч во машка конкуренција на Ролан Гарос меѓу Хрватот Марин Чилиќ и Норвежанецот Каспер Руд.

Жена од трибините влезе на теренот за време на третиот сет и се врза за столбот за кој е прикачена мрежата. Таа носеше маичка со натпис „Нѝ останаа уште 1.028 дена“, порака на еколошките движења кои предупредуваат на глобалното затоплување.

Набрзо откако се врза за мрежата, реагираше обезбедувањето, а Чилиќ и Руд беа повлечени од теренот поради нивната лична безбедност.

Покрај теренот пристигна и Амели Морезмо, директорка на турнирот, која помогна за брзо враќање на ситуацијата во нормала.

Паузата траеше 15-тина минути, по што продолжи полуфиналето меѓу Чилиќ и Руд.

Прв финалист на машкиот дел од турнирот е Шпанецот Рафаел Надал, откако Александар Зверев се здоби со повреда во вториот сет што го принуди да го предаде мечот.