Силна експлозија по која избил пожар го потресе западниот дел на Доњецк. Според про-руските активисти, експлозијата била последица од гранатирањата од страна на украинската влада. Во последните 24 часа пак, во судирите во Источна Украина загинаа најмалку 11 луѓе.
Претставник на локалните власти, рече дека цел на нападите била фабрика која произведува експлозиви и муниција.
Според кажувањата на сведоците, небото „се запалило“ од експлозијата, додека голем број жители во близина на фабриката кажале дека прозорците на нивните објекти биле искршени и дека ја почувствувале „земјата како се тресе“.
Проруските бунтовници изјавиле дека сеуште не се знае дали имало жртви, но дека пожарот кој ја зафатил фабриката по експлозијата не предизвикал опасност од истурање на отровни хемикалии.
Украинската војска во близина на Доњецк распоредила неколку ракетни системи Смерч (БМ-30 торнадо) за гранатирање на областа, напишал на својот Фејсбук профил, Борис Филатов, поранешен заменик претседател на индустрискиот Дњепропетровски регион и пратеник во Врховната рада, украинскиот Парламент.
Според Филатов, луѓето што ги испукале проектилите „не знаеле што гаѓаат, бидејќи нишанеле врз основа на координати“.




