Пред нас е олимиска година на спортски план. Во центарот на глобалното внимание ќе бидат Зимските Игри во февруари и Светското првенство во фудбал во јуни и во јули. Покрај двата топ настана во јужнокорејски Пјонгчанг и во Русија, фокусот на Македонија ќе биде силно насочен и кон Хрватска каде од 12 до 28 јануари ќе се одржи Европското првенство во ракомет за мажи.
„Црвено-жолтите“ ќе играат во групата Ц во Загреб заедно со селекциите на Германија, на Словенија и на Црна Гора. Претставници од регионот, покрај македонскиот словенечкиот и црногорскиот нацонален тим, ќе бидат и Србија и домаќинот на завршниот турнир на кој тронот ќе го бранат германските ракометари. Но, одиме со ред.
Во новата година, по традиција, се влегува со турнејата „Четири скокалници“. Најдобрите ски-скокачи веќе денеска се наоѓаат на втората станица во Гармиш Партенкирхен пред настанот да се пресели на австриско тло, во Инсбрук (4 јануари) и во Бишофсхофен (6 јануари). Во улога на бранител на титулата е Полјакот Камил Штох кој победи во првиот натпревар во Оберсдорф.
Јануари го носи и Австралија опен, првиот гренслем во сезоната. Турнирот на најдобрите тенисери и тенисерки е од 15 до 28 јануари. Владетели во Мелбурн за последните 12 месеца се Швајцарецот Роџер Федерер и Американката Серена Вилијамс.
Јужнокорејски Пјонгчанг од 9 до 25 февруари ќе биде домаќин на 23. Зимски олимписки Игри во кои ќе учестуваат тимови на 88 национални комитет плус „независниот“ на Русија. Комплети медали ќе бидат поделени во 102 дисциплини во 15 спорта од кои четири ќе бидат нови. За првпат во репертоарот се вклучени мешани двојки во карлинг, мешани тимови во алпско скијање, масовен старт во брзо лизгање и т.н. „Биг Ер Сноубординг“.
Март е месецот во кој стартува новата сезоната во Формула 1 со трката за Големата награда на Австралија (25 март). Сопственик на шампионскиот пехар во конкуренција на возачи е Британецот Луис Хамилтон, а кај конструкторите е неговиот тим Мерцедес. Третиот месец од годината (9-18 март) ќе понуди и Зимска параолимпијада во Пјонгчанг.
Од регионален аспект, април ќе биде месец за промоција на новите шампиони во кошаркарската АБА лига и во ракометната СЕХА лига. Титули од лани ги бранат Црвена звезда, односно, Вардар.

По двата, релативно, мирни месеца, мај ќе изобилува со спортски настани. Данска ќе организира Светско првенство во хокеј на мраз (4-20 мај). Натпреварите ќе се играат во Копенхаген и Хернинг, обврската да се одржат на тронот ќе ја имаат Швеѓаните.
На средината на месецот (16 мај) нè очекува финалето во УЕФА Европа лигата. Мечот ќе се одигра на стадионот на Олимпик Лион, а натпреварувањето ќе добие нов освојувач со оглед дека Манчестер јунајтед е дел од Лигата на шампиони во оваа сезона.
Регионот ќе биде епицентар на континенталното внимание и поради Фајналфор турнирот во кошаркарката Евролига. Домаќин на настанот во оваа година ќе биде Белград од 18 до 20 мај, лански победник во натпреварувањето беше Фенербахче чиј член беше и Перо Антиќ.
Пет дена подоцна Европа ќе добие клупски првак и во фудбал. Финалето е на олимпискиот стадион во Киев, титулар од 2017 година е мадридски Реал.
Крајот на месецот е резервиран и за вториот тениски гренслем во годината, Ролан Гарос. Почетокот на отвореното првенство на Франција е на 27 мај, финалните мечеви на 9 и 10 јуни. Во Париз како бранители на трофејот ќе пристигнат Шпанецот Рафаел Надал и Летонката Јелена Остапенко.
Светското фудбалско првенство во Русија ќе започне на 14 јуни и ќе трае до 15 јули. Тронот од мундијалот во Бразил го држи Германија. Во јуни и Европско првенство во мечување во Нови Сад (16-21 јуни) и Медитерански игри во Тарагона, Шпанија, од 22 јуни до 1 јули.
Јули, покрај СП во Русија, го носи и 140. издание на Вимблдон. Роџер Федерер и Шпанката Гарбиње Мугуруза ќе се обидат да ги одбранат титулите на „Ол Ингланд Клаб“ од 2017 година.
Втората половина на месецот (14-28 јули) ќе биде во знакот и на Европското првенство во ватерполо во Барселона на кое репрезентацијата на Србија ќе патува со намера и по четврти пат во низа да ја покори конкуренцијата по освоените златни медали во Ајндховен, Будимпешта и Белград. Од големите светски настани во јули и 105. издание на велосипедската трка „Тур де Франс“ (7-29 јули).

Август е резервиран за Европското првенство во атлетика во Берлин (7-12 август), Талин ќе биде домаќин на европскиот Суперкуп на УЕФА (15 август), а на 27 ден во месецот ќе стартува и Ју-Ес опен, последниот тениски гренслем во една календарска година на кој титулите ќе ги бранат Надал и Американката Слоун Стивенс.
Септември ќе донесе две Светски првенства. Од 22 до 30 во месецот е кошаркарскиот мундијал во женска конкуренција во Шпанија, а во последниот ден ќе стартува и планетарниот турнир за одбојкарки во Јапонија.
Аргентина, односно, Буенос Аирес ќе бидат домаќини на младинска летна Олимпијада од 6 до 18 октомври, од 29 ноември до 16 декември е на програмата и Европското првенство за ракометарки во Франција, од 7 до 11 декември и Светско првенство во 25 метарски базени во Кина и како последен голем настан во годината ќе биде Светското клупско фудбалско првенство во Абу Даби од 12 до 22 декември.