Апсењето на американскиот милијардер Џефри Епстин по обвиненија за проституција и злоставување малолетни лица, ја разбранува јавноста во САД, пред се поради врските на милијардерот од Њујорк со високо лица како принцот Ендрју од Велика Британија и американските претседатели, Бил Клинтон и Доналд Трамп.

Епстин беше уапсен викендов под обвиненија за организација на проституција, а некои се и од пред 19 години.

Како што објавија медиумите, од 2000 година милијардерот организирал сеанси со масажи во своите раскошни домови на Менхетн и во Палм Бич, Флорида и имал сексуални односи со девојчиња на возраст и до 13 години.

Според федерелното обвинение Епстин „сексуално искористил и злоупотребил десетици малолетни девојчиња“ во своите домови на Менхетн, Палм Бич и други локации. Тој наводно им плаќал на жртвите да регрутираат други малолетнии лица, се наведува од обвинението на кое се повикуваат медиумите.

Пред судот во Менхетн Епстин синоќа се изјасни дека не е виновен.

Тој во периодот 2000-2010 година бил близок со Клинтон и претседателот Трамп, чија резиденција Мар-а-лаго, се наоѓа во Палм Бич. Трамп на пример, во 2002 година изјавил дека е многу близок со њујоршкиот милијардер.

– Џефри го познавам петнаесет години. Одличен пријател, многу забавен. Некои тврдат дека му се допаѓале убави жени, колку што и мене ми се допаѓаат, и дека многу од нив биле помлади, изјавил Трамп во интервју за „Њујорк магазин“ во 2002 година.

Иако сдвокат на компанијата „Организација Трамп“ синоќа изјави дека претседателот „немал врски“ со Епстин, „Вашингтон пост“ укажува дека наспроти тврдењето на Трамп, постојат јасни докази дека двајцата, како членови на елитните кругови на Менхетн и Палм Бич, биле блиски пријатели во минатото.

Портпарол на Клинтон синоќа изјави дека претседателот Бил Клинтон „не знаел“ за наводните криминални дела на Епстин. Во неколку наврати во 2002 и 2003 година Клинтон и обвинетиот патувале заедно во приватниот авион на милијардерот во Европа, Азија и Африка, „со планирани запирања поврзани со работата на Фондацијата Клинтон,“ изјави портпаролот на Ангел Урења.

Милијардерот во 2008 година се изјаснил за виновен по обвиненија подведување малолетни лица и организација на проституција. Иако за тежината на делото оптужениот би требало да биде осуден и на доживотна казна затвор, Епстин, со помош на високо платени адвокати издејствувал договор со тогашните обвинители, и бил осуден на 13 месеци затвор со право да излези на слобода 12 часа дневно, шест пати во неделата „поради бизнис обврски“, објави „Њујорк тајмс“.

Сегашното дополнето обвинение укажува дека таа одлука била незаконска.

Државниот обвинител од Флорида со кој Епстин тогаш се договорил е Александар Акоста, сегашен државен секретар за труд во администрацијата на Трамп. Незаконитоста на таа одлука се потврди и синоќа на првото рочиште на кое биле прикажани непристојни фотографии што полицијата ги најде во седумспратниот раскошен дом на Епстин на Менхетен.

По ова, Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом предводен од демократите, повика Акоста да си даде неотповиклива оставка.