Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика денес Турците кои живеат во Европа “да им одговорат на внуците на нацизмот” гласајќи “за” на референдумот на 16 април со кој шефот на државата ќе добие повеќе власт.
Во еден говор Ердоган ја поздрави мобилизацијата на Турците во Европа кои веќе почнаа да гласаат во турските конзулати.
“Излезете во голем број на гласачките места, дадете им соодветен одговор на оние кои вршат притисок врз нас употребувајќи фашистички методи, на внуците на нацизмот”, рече тој.
Оваа изјава доаѓа по заострувањето на односите помеѓу Турција и ЕУ. Во последните недели повеќе европски држави им забранија на турските политичари да држат митинзи во Европа, пред се во Германија и Холандија. Ердоган во повеќе наврати рече дека овие одлуки се “нацистички”.




