Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвини Холандија за масакрот во градот Сребреница во Босна и Херцеговина во 1995 година, во последната размена на остри зборови меѓу двете земји.
Во телевизиско обраќање Ердоган денеска рече дека холандскиот „карактер“ бил „скршен“ од масакрот, најголемото масовно убиство во Европа по Втората светска војна.
Холандскиот премиер Марк Руте изјавата на Ердоган ја нарече „одвратна историска невистина.“
Ердоган зборуваше за убиството на осум илјади муслимани од страна на српските сили во босанскиот град Сребреница, каде што лесно вооружените холандски мировници на ОН не успеаа да го спречат масакрот.
Ова е продолжение на дипломатските тензии на релација Турција – Холандија, кои започнаа откако холандските власти му забранија на турскиот министер за надворешни работи да одржи митинг во Ротердам пред турски државјани, во врска со референдумот во Турција за проширување на овластувањата на претседателот.




