Турција идната година би можела да одржи рефернедум за тоа дали да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој го повтори предупредувањето до Брисел дека мора „да донесе одлука“ за членството на Турција, објави Ројтерс.

Во говорот што бил пренесуван на телевизија, Ердоган ги повика Турците на трпение до крајот на годината, а потоа како што рече постои можност да се одржи гласање за членството на земјата во ЕУ.

Тој исто така рече дека ќе одобри воведување смртна казна доколку Парламентот го усвои законот за тоа, додавајќи дека и тоа би можело да се најде како прашање на референдумот.

Се очекува Турција на пролет следната година да одржи национално гласање за уставните измени, вклучувајќи и зголемување на овластувањата на претседателот за да се воспостави претседателски систем по углед на американскиот и францускиот.