Да се изгради град на северот на Сирија за бегалците. Ова е последната идеја на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган според информациите објавени од провладината агенција Анатолија.
– Ќе ви кажам кое е решението. Да изградиме град на северот на Сирија за да ги сместиме бегалците, изјавил Ердоган во петокот вечер.
Градот би можел да биде изграден блиску до турската граница со помош на меѓународната заедница. Според Ердоган, тој на оваа тема разговарал со американскиот претседател Барак Обама:
– Ние и местото го определивме но проектот се уште не е финализиран, рече Ердоган.
Тој не прецизираше колку време ќе треба за изградба на таков град.
Турција досега има примено 2.7 милиони Сиријци и одамна се залага за хуманитарен коридор во Сирија кој ќе биде заштитен и ќе биде воведена забрана за прелет на таа зона.
Ова е прв пат Ердоган да предлага изградба на цел град за бегалците.




