Турската блокада за членство на Шведска и на Финска во НАТО нема никаква врска со Русија, објави агенцијата „Блумберг“, пренесува „Раша тудеј“.

Тројца високи турски службеници потврдиле за „Блумбербг“ дека земјата има листа со барања за НАТО кои доколку бидат исполнети, за возврат ќе ги „пушти“ двете скандинавски земји во Алијансата.

Листата, како што наведува „Блумберг“, почнува со барањето за укинување на санкциите што ѝ беа воведени на Турција за купувањето на рускиот ракетен систем С-400, а патем бара и повторно вклучување во напредниот Ф-35 систем за набавка на авиони.

Финска и Шведска денеска и официјално ги предадоа апликациите за членство во НАТО за што ќе мора сите 30 членки на Алијансата да гласаат „за“. Но, турскиот претседател нагласи дека нема намера да се согласи на такво нешто.

Двете земји се наоѓаат во конфликт со Турција, бидејќи даваат политички азил на лица кои Анкара ги смета за терористи, односно припадници на Курдите и бара испорака на тие „терористи“ што Шведска и Финска одбиваат.

„Блумберг“ пишува и за барањето на Анкара со лидерите на Финска и на Шведска за јавна осуда на делувањето на ПКК, партија на Курдите, како и на сите нивни соработници, пред гласањето на Турција за прием на двете земји во НАТО.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу побара од Финска и од Шведска да ги укинат сите санкции што ги воведоа на Турција.

Изворите на „Блумберг“ тврдат дека листата со турски барања е подолга и во неа е барање за САД за купување на десетици воени авиони од типот Ф-16, како и надградба на постоечката флота.

Од Вашингтон се бара и укинување на сите американски санкции кон Турција.