Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е уверен дека убиството на саудискиот новинат Џамал Кашоги било планирано, изјави тој денес на состанокот на неговата партија АКП.
Според Ердоган, дената пред посетата на Кашоги во конзулатот на Саудска Арабија, повеќе групи саудиски државјани влегле во Турција со цел да го убијат новинарот кој беше остро критичен кон саудската власт. Кашоги пишуваше за Вашингтон Пост.
Ердоган прецизираше дека “системот на видео мониторинг со камери во конзулатот бил исклучен” во текот на тие денови на почетокот на октомври.
Според изјава на лидерот на турската партија Ватан, Догу Перинчек за турскиот портал “Хаберлер“, делови од телото на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги е пронајдено во бунар на територијата на резиденцијата на Генерал конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.
– Дознав од сигурни извори во безбедносната служба во Истанбул дека телото на Кашоги е пронајдено во бунар, што се наоѓа во градината на територијата на резиденцијата на Генералниот конзулат на Саудиска Арабија, посочи Перинчек.
По повеќедневно демантирање, официјален Ријад во петокот призна дека Кашоги е убиен во Конзулатот во непланирана „караница и тепачка“. Поради тоа уапсени се 18 лица и сменет е висок претставник на саудиската разузнавачка служба.
Кашоги исчезна на 2 октомври, а последен пат е виден како влегува во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.
Повеќе за ова убиство прочитајте тука.




