Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не ги демантираше информациите дека неговата земја повторно ќе воведе смртна казна за да се пресмета со илјадниците уапсени (околу 9.000) кои се товарат за учество и организација на неуспешниот воен удар.

-Овде очигледно имаме злосторство и велепредавство, рече Ердоган во интервју за Си Ен Ен прво од нередите минатата недела.

-Секако Парламентот ќе мора да ја донесе таа одлука во смисла на уставни измени, политичките лидери ќе разговараат за тој предлог, и ако помине, тогаш јас ќе го официјализирам, како претседател и ќе ставам потпис на одлуката на Парламентот, рече Ердоган.

Судејќи според начинот на кој одговараше на прашањата, Ердоган е за воведување на смртната казна. Во еден момент во текто на интервјуто тој рече:

– Зошто да ги држам по затвори и уште со години да ги хранам? Тоа народот ми го кажува. Народот сака што побрзо да завршиме со овие, бидејќи им се убиени роднини, соседи и деца. Тие страдаат, чувствителни се и затоа ние мора да делуваме разумно и да сочувствуваме со нив, рече Ердоган во интервјуто за Си Ен Ен.

Неколку светски лидери и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини ја предупредија Турција дека дека не може да стане членка на ЕУ доколку воведе смртна казна, и дека ќе го изгуби и членството во НАТО.