Илјадници луѓе на Филипините денеска мораа да ги напуштат своите домови поради ерупција на вулкан кој исфрли пепел и пареа на височина од неколку стотини метри.

Ерупцијата на вулканот Тал, кој се наоѓа во среде езерото Тал јужно од Манила, започна во 7.22 часот по локално време, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија.

Институтот предупреди дека се можни дополнителни ерупции и дека вулканот освен пепел и пареа може да испушта опасен гас, а можно е и цунами.

Се препорачува евакуација на населението во близина на езерото, каде има пет села во кои живеат околу 12.000 жители.

Вулканот Тал е еден од најактивните вулкани на Филипините, а се наоѓа на островот Лузон.

Пристапот до вулканот во средината на езерото Тал е забранет од јануари 2020 година бидејќи исфрли лава врз десетици куќи. Во ерупцијата загина добиток, а тогаш беа раселени неколку илјади луѓе.