Турција, земја кандидат за членство во ЕУ, мора да ја почитува слободата на медиумите, изјави во саботата дипломатскиот сервис на ЕУ откако стаса веста за преземање од страна на турската власт на опозицискиот весник Заман.
– ЕУ постојано подвлекува дека Турција, како земја кандидат, мора да ги почитува и промовира највисоките норми и пракси на слободата на медиумите, преку соопштение реагира ЕУ.
Ова се случа на два дена пред самитот во понеделник на 7 март помеѓу ЕУ и Турција на кој главна тема е бегалската криза. Анкара се надева дека за возврат на нејзината соработка за бегалската криза ќе успее да добие забрзување на процедурата за влез во ЕУ а ЕУ се надева дека ќе ја убеди Турција да го сопре бранот бегалци кои илегално ја напуштаат Турција и одат во Грција и потоа по балканската рута кон ЕУ.
Комесарот Јоханес Хан, задолжен за Турција, изјави дека е “сериозно загрижен по последните настани околу весникот Заман кои го доведуваат во прашање напредокот на Турција во други области”.
Тој додаде дека ЕУ внимателно ќе следи што се случува во Турција бидејќи “фундаменталните права не се предмет на преговори”.
Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц вети дека оваа тема ќе ја отвори во понеделник со турскиот премиер Ахмет Давутоглу и дека ќе му каже дека ова е “нов удар врз слободата на медиумите во Турција”.
И Вашингтон реагираше. Преку портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби Вашингтон подвлекува дека “последната серија на загрижувачки судски и полициски акции преземени од страна на турската влада ги имаат за цел медиумите и оние кои ја критикуваат владата”.
– Бараме од турските власти да бидат сигурни дека нивните акции се во согласност со универзалните демократски вредности, запишани во нивниот сопствен Устав, помеѓу кои се наоѓа слободата на медиумите и изразувањето, рече Кирби.
По упадот на полицијата во петокот вечер во просториите на Заман, весникот излезе денес со наслов “Ден на срамот” за слободата на медиумите во Турција. Стотиците демонстранти кои протестираа пред Заман беа избркани од полицијата со солзавец, водени топови и гумени куршуми.
Во Истамбул денес се одржа протест на околу 500 луѓе пред просториите на Заман а полицијата го растури протестот. Демонстрантите скандираа “Нема да ги замолчите слободните медиуми2.




