Првиот европски дипломат, Жозеп Борел, денеска ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине финансирањето на САД на Светската здравствена организација.
„Длабоко сум разжалостен од одлуката на САД да го прекине финансирањето на СЗО“, напиша Борел на Твитер.
„Нема причина што може да го оправда овој потег во момент кога нивните напори се неопходни повеќе од кога било порано за да помогнат во надминувањето на пандемијата на коронавирусот”, порача тој.
„Само преку обединување на силите можеме да ја надминеме оваа криза, што не познава граници“ напиша Борел на Твитер.
Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа порача дека СЗО „не ја извршиле својата основна должност и мора да одговараат“.
Според него, СЗО промовирале „дезинформации од Кина за вирусот“ и тоа довело до разгорување на епидемијата.
„Доколку СЗО ја завршеше својата работа и испратеше медицински експерти во Кина за објективно да ја испитаат состојбата на теренот, епидемијата можеше да се прекине на нејзиниот извор со многу малку жртви“, рече Трамп.
Неговиот потег беше критикуван од генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, а му се придружи и Бил Гејтс, основачот на „Мајкрософт“ и еден од поголемите финансиери на СЗО.
„Престанувањето на финансирањето на СЗО за време на овој вид здравствена криза е многу опасно. Нивната работа помага да се запре ширењето на вирусот и нема друга организација во светот што може да ја преземе нивната улога. На светот му треба СЗО повеќе од кога и да било“, напиша Гејтс на Твитер.




