Европската унија сака да ги испита сите договори кои руски Гаспром ги потпишал со европските компании, поради сомневање дека се наметнувани неправедни цени кои ги кршат трговските прописи на ЕУ, пишува германскиот весник Франкфуртер Алгемајне цајтунг, повикувајќи се на интерен документ од ЕУ.
ЕУ сака да ги добие на увид сите информации за договорите кои европските компании ги склучиле со Гаспром, а кои се потпишани на рок подолг од една година и со кои се предвидува испорака на над 40 проценти од енергетските потреби на една земја членка, пишува весникот.
Брисел сакаше уште од почетокот да биде вклучен во преговорите за испорака на гас меѓу членките и оние кои не се дел од ЕУ.
Во април лани Европската комисија го обвини Гаспром за кршење на прописите на ЕУ за единствен пазар и за загрозување на конкуренцијата на пазарот на гас на земјите од централна и источна Европа, каде оваа компанија е доминантен добавувач.
ЕУ посебно го обвини Гаспром за кршење на прописите за единствен пазар поради забраната за продажба на газ меѓу земјите членки на ЕУ што на руската компанија и обезбедува да наплатува неправедни цени.




