На денешниот состанок во Луксембург, Европската унија договори прифаќање на 60.000 мигранти. За еден прифатен мигрант, земјата добива 6.000 евра надоместок.
Допрва ќе се утврдува во кои земји ќе одат мигрантите, според кој критериум ќе се одбираат и на колку време ќе имаат престој во земјите.
Министерот за надворешни и европски прашања на Луксембург, Жан Аселборн, рече дека целта е да се преземат 16.000 мигранти од Грција, и 24.000 од Италија.
Според најавите, Германија и Франција се подготвени меѓу себе да поделат повеќе од една третина од вкупната бројка мигранти на кои Унијата ќе им бара дом.
За 2015 година, УНХЦР и партнерите побараа 5,5 милијарди американски долари за бегалската криза. До доцна јуни, добиени се само околу четвртина од побараните хуманитарни средства. Тоа значи дека бегалците се соочуваат со нови сериозни кратења во помошта во храна и се борат да си приуштат здравствени услуги што можат да им го спасат животот, соопшти УНХЦР.




