АЛДЕ, Алијансата на либералите од Европскиот парламент (ЕП), вчера од своето членство ја исклучи каталонската партија ПДеКАТ поради корупција.
Партијата на чие чело беше Карлес Пучдемонт е под истрага за корупција. Истрагата се води токму за поранешниот каталонски претседател Пучдемонт кој веќе една година се наоѓа во бегство во Брисел. Во Шпанија тој е осуден за бунт при прогласувањето на независност за Каталонија.
Со ова се дава “јасен сигнал” дека политички формации како ПДеКАТ “со култура на корупција, немаат место во европското либерално семејство ниту пак во друга голема европска политичка партија”, изјави Луис Гарикано, потпретседател на АЛДЕ и член на шпанската либерална партија Суидаданос.
Тој подвлече дека исклучувањето нема никава врска со фактот што ПДеКАТ е партијата која се залага за независност на Каталонија и подвлече дека оваа тема за сепаратизам воопшто не била дискутирана.
Сепак, тој подвлече дека според либералната филозофија, барањето за независност мора да се дискутира во рамките на правната држава, со дијалог и без кршење на законот.




