Во Брисел денеска почнува дводневниот самит на шефови на држави и влади од ЕУ на кој главни теми се бегалската криза, заштитата на надворешните граници на Унијата, борбата против тероризмот и реформа на односите на Велика Британија со ЕУ.
За денеска е закажан и спореден самит на иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел за распределба на бегалците во Европа, на кој ќе учествуваат државите кои досега примија најголем број бегалци, како Австрија, Шведска и Грција. Поканета е и Турција, од која ЕУ очекува да го запре бегалскиот бран кон Европа.
Мини – самитот е инициран од тужбата на Словачка и Унгарија до Европскиот суд за правда, поради планираното распоредување на 140.000 бегалци внатре во Унијата.
Европската комисија во понеделникот го претстави планот за Европските гранични трупи за контрола на надворешните граници во рамките на кои би требало да се распоредат 1.500 полицајци кои би реагирале брзо, опремени со бродови и хеликоптери.
Во иднина, Брисел би требало да може да ангажира новоформирани трупи за заштита на надворешните граници и во случаи кога со тоа не се согласуваат некои земји членки, а Фронтекс би требало да биде ангажиран и при враќањево матичните земји на оние бегалци на кои не им е одобрен азил.
Тема на самитот е и можниот излез на Велика Британија од ЕУ, но како што се наведува, тоа нема да се случи брзо, бидејќи британскиот премиер Дејвид Камерон, реформата на односите Лондон – Брисел ја побарал минатиот месец, во вид на полуконкретни предлози, како референдум за членство во ЕУ, што би се одржал во текот на летото следната година.




