Европската унија соопшти дека бившата комесарка за дигитална агенда Нели Крус ги прекршила правилата на ЕУ, откако е откриено дека не пријавила дека работи за една оф шор компанија на Бахамите во време додека била на функцијата европски комесар.

Како што објави ЕУ Обзервер, овој „јавен срам“ не повлекува со себе никакви правни последици.

Европската комисија утврдила дека Крус, која беше комесарка од 2004 до 2014 година, два пати ги прекршила институционалните права.

Првиот пат, „пропуштила“ да пријави, дека кога ја презела должноста комесар во 2004 истовремено извршувала функција директор во офшор компанијата Минт Холдингс. Во оваа фирма таа била од 200 до 2009 година, пишува ЕУ Обзервер.

Овие податоци уште во септември ги објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и една група печатени медиуми.

Веднаш потоа, Крус и испрати на Комисијата ажурирана изјава за приходите во кои ги вклучила и заработката кои не ги пријавила пред заминувањето од позицијата во ЕУ кон крајот на 2014 година.

Во меѓувреме, таа од ЕУ примала тнр. преодна надокнада на која бившите комесари имаат право три години по престанувањето на функцијата или додека не заработат толку пари кои одговараат на надокнадата.

Европската комисија побара во октомври од својот ад хок етички одбор да го истражи случајот на Крус. Одборот го предаде својот извештај на 16.ноември на основа на кој комисијата донесе заклучоци.

Извршниот орган на ЕУ соопшти дека Крус прво го прекршила кдоексот на однесување на комесарите и второ дека „не постапила со потребно внимание“, прекршувајќи го прописот за приходите на комесарите.

Откако поранешната комесарка призна дека има скриен приход додека ја добивала преодната надокнада, Комисијата „веднаш ги добила парите назад и на тој начин спречила финансиска загуба за буџетот на Унијата“.

Во одлуката на Комисијата исто така е наведено дека износот на парите кои Крус не го пријавила и сумата којашто ја вратила, се доверливи.

Европската комисија заклучила дека „нема доволно елементи ни правна основа“ да се обрати до Судот на правда на ЕУ или да бара финансиска казна.

Затоа е одлучено дека Нели Крус заслужува „само укор“, пренесува ЕУ Обзервер.

ЕУ правилата за државните функционери налагаат дека тие „не можат да извршуваат која било друга професионална активност, независно дали е платена или не“, за време додека имаат мандат во европските органи.