Европските министри за внатрешни работи се согласија денес да релокализираат 120.000 бегалци.
“Одлуката за релокализија на 120.000 лица е усвоена со широко мнозинство на земјите членки”, објави луксембуршкото претседателство на Твитер.
Оваа одлука го покажа и јазот помеѓу “старите” земји членки и некои од “новите”. Четири земји – Романија, Чешка, Словачка и Унгарија – одбија да бидат дел од овој план за релокализација на 120.000 луѓе кои се наоѓаат во Грција и Италија.
Финска е единствената земја која се воздржала од гласање.
Овој план на Европската комисија беше предложен пред три седмици но досега немаше согласност за негова реализација.
“Ние, Унгарија, Романија и Словачка сме против”, напиша чешкиот министер за внатрешни работиа Милан Чованец на Твитер. Тој изјави дека “најголемиот број земји на ЕУ се движат кон празен и неефикасен политички гест”. Министерот исто така изрази жалење што Полска го сменила ставот и им се придружила на другите земји членки и не останала солидарна со Братислава, Букурешт, Прага и Будимпешта. Полска покажала спремност да земе бегалци.
Деталите на планот за релокализација не се се уште познати.
Утре, среда, во Брисел се одржува вонреден самит посветен на бегалската криза. Шефовите на држави ќе се обидат да дадат одоговор на кој начин да се реши сириската криза која е корен на проблемот и како да и се помогне на Турција која досега прими околу 2 милиони бегалци. Тема треба да биде заштитата на надворешните граници на ЕУ и “хот спот” точките во Грција и Италија кои треба да се креираат на кои ќе бидат регистирани бегалците кои стасуваат во овие земји.




