Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Тирана ја предупреди албанската влада дека нејзиниот проект за воспоставување на шема за државјанство за странски и богати инвеститори претставува ризик за земјата и може да влијае на слободното движење на албанските граѓани во Шенген зоната, јави агенцијата „Балкан веб“.

Според истиот извор, како одговор на прашањата на БИРН, делегацијата на ЕУ исто така нагласува дека оваа позиција им била јасно кажана на албанските власти преку неколку извештаи на Европската комисија, третиот и четвртиот извештај за механизмот за суспензија на визите, како и на неколку средби со официјални лица на ЕУ, одржани во изминатите неколку години.

„Комисијата презеде силни мерки против шемите за државјанство за инвеститорите внатре и надвор од ЕУ. Комисијата смета дека овие шеми се спротивни на законите на ЕУ, бидејќи го нарушуваат начелото на искрена соработка и концептот на државјанство на ЕУ“, изјавиле за БИРН од делегацијата.

Делегацијата на ЕУ уште еднаш ги нагласува опасностите што ваквите шеми можат да ѝ ги донесат на Албанија, во однос на инфилтрација на организиран криминал, перење пари, фискална евазија и корупција преку „потенцијални апликанти од трети земји во шема на иден Албанец“.

Делегацијата, исто така, оценува дека примената на овие шеми од страна на трети земји со безвизен пристап до Европската унија е загрижувачка за Унијата, бидејќи „тие може да се искористат за заобиколување на редовната процедура за визен краток престој на ЕУ и длабинската процена на индивидуалните ризици миграцијата и безбедноста што таа ја носи“.

Во контекст на „руската агресија против Украина“, делегацијата на ЕУ потсетува и дека Комисијата им препорача на земјите-членки на ЕУ веднаш да ги прекинат шемите за државјанство за инвеститорите.

„Воспоставувањето шема за „продажба“ на албански пасош е стара идеја на премиерот Еди Рама, која се врати во центарот на вниманието по донесувањето на одлуката на 29 јули, со која се отвора пат за склучување договор преку концесија со меѓународна компанија за промоција на албанскиот пасош во светот“, наведува агенцијата.

Но, делегацијата на Европската унија смета дека ова е „отстапување“ од посветеноста на Албанија да го усогласи своето законодавство со ЕУ.

„Со одржувањето на првата меѓувладина конференција за отворање на преговорите за членство во ЕУ со Албанија на 19 јули, Европската комисија очекува албанските власти постепено да се усогласат со acquis и да избегнат отстапување од него. Европската комисија ќе продолжи да го следи секој развој на настаните поврзани со можното воведување шема за државјанство за инвеститори во Албанија“, наведуваат од делегацијата на ЕУ во Тирана.