Европската Унија (ЕУ) попладнево усвои нови санкции против Русија, соопшти Советот на ЕУ. Станува збор за рестриктивни мерки против пет лица кои биле инволвирани во изборите на руската Дума во септември во 2021 година во Крим кој ЕУ го смета за нелегална анексија.
Овие пет лица ќе бидат предмет на санкции од страна на ЕУ во рамки на постојниот европски режим на санкции. Лицата, членови и лидери на руската Дума и претставници на Руската Федерација во Крим, се обвинети дека активно ги поддржувале политиките кои го поткопуваат суверенитетот, интегритетот и независноста на Украина.
Европската Унија уште еднаш ја повтори својата недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет на Украина на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ на кој учествуваше украинскиот министер за надворешни, Дмитро Кулеба.
Вкупно 193 лица и 48 ентитети се предмет на санкции на ЕУ поради загрозување на интегритетот на Украина. Санкциите се состојат од замрзнат имот, забрана да им се ставаат фондови на располагање и забрана за влез или транзит низ ЕУ.




