Европската агенција за лекови (ЕМА) може да одобри употреба на вакцина против два вида на коронавирусот, изјави денеска германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.

Тој очекува Агенцијата на 1 септември да ја разгледа употребата на вакцина против првиот вид и варијантата на омикрон, позната како БА.1.

„Потоа, европската Агенција, веројатно на 27 септември, ќе спроведе преглед на комбинираната вакцина против првиот вид и варијантата на омикрон БА.5“, наведе Лаутербах.

Како што тврди тој, Германија обезбеди доволни количини од двете вакцини и ќе може да почне со употреба ден по одобрувањето.

Американската Агенција за храна и лекови претходно наведе дека комбинирани вакцини, познати како „бивалентни“ или „мултивалентни“, ќе ја задржат ефикасноста на првите против коронавирусот, истовремено давајќи дополнителна заштита против новите варијанти.

Таков пристап се користи кај вакцините против грипот, што секоја година се прилагодуваат во зависност од варијанти.