Израелската влада денес најави казнени мерки против еврејските екстремисти кои предизвикаа пожар и убија 18 месечно бебе и со нож нападнаа луѓе на парадата Геј Прајд во четвртокот. Од повредите нанесени од овој напад денес почина 16 годишна девојка.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес вети дека авторите ќе бидат казнети.
Во Ерусалим дојде до судири помеѓу Палестинците и израелската полиција а протести имаше и во претходните денови.
Во петокот палестинското бебе Али Давабхех изгоре живо откако овие екстремисти фрлија Молотов коктели врз една куќа во Западниот Брег. Братот и родителите на бебето се се уште во болница и, според лекарите, во критична состојба.
Истата вечер двајца млади Палестинци беа убиени од куршумите на израелската армија а во четврткот се случи нападот врз парадата Геј Прајд.
Осуди стасаа од сите страни: Обединетите Нации, израелската опозиција и палестинската власт. Сите оценија дека фактот што екстремистите остануваат неказнети дозволува да се случуваат вакви напади и убиства.
Премиерот побара виновниците да се изведат пред правдата а министерот за одбрана Моше Јалон одобри употреба на административен притвор што значи дека виновниците можат да бидат ставени во затвор на неодредено време и без да има пресуда. Оваа мерка досега се употребуваше само против Палестинците.
Но виновниците за убиството на бебето не се фатени а Палестинците велат дека немаат надеж дека тие еден ден ќе бидат уапсени. Особено не од оваа израелска влада која е под влијание на приврзаниците на колонизацијата и на националистичката и религиозна десница.
Веќе со години се случуваат вакви напади врз Палестинци и израелски Арапи чии автори се еврејските екстремисти. Тие ги осквернуваат муслиманските религозни објекти но и христијанските. Палестинците тврдат дека во десет години имало 11.000 напади а според невладината организација Јеш Дин, 85,3 отсто од овие напади остануваат нерасветлени.




