Комесарот за човекови права во Советот на Европа, Нилс Мужникс е длабоко загрижен за вчерашните апсења на новинари и медиумски работници во Турција.
– Апсењата претставуваат сериозно назадување за слободата на медиумите во земјата. Без разлика на мотивите поради кои се преземани мерките, тие се диспропорционални и непотребни во демократијата, вели Мужникс.
Според него овие апсења се загрижувачки и се исти од типот на апсењата на новинари во 2011 година кои беа осудени во извештајот за состојбата со медиумите во Турција.
– Слободата со медиумите е долгорочен проблем во Турција и со вакви мерки се ризикува да се оспори напредокот кој земјата го постигна изминативе години. Праќаат заплашувачка порака до новинарите и слободниот глас во Турција, кои се под притисок и изложени на насилство.
Според Мужникс, овие апсења може да го поларизираат турското општество и да ја зголемат недовербата кај граѓаните во способноста на државата да ги заштити основните човекови права.
– Апелирам до властите да сопрат со загрозувањето на слободата на медиумите и да дејствуваат во согласност со владеењето на правото и човековите права, стои во пораката на Еврокомесарот за човекови права во Советот на Европа.
Оваа реакција на Нилс Мужникс доаѓа откако полицијата вчера изврши рации во десетина градови низ Турција во кои беа уапсени најмалку 24 луѓе меѓу кои новинари, ТВ-продуценти и полицајци, за кои се знае дека се блиски до движењето што го води муслимански проповедник кој е жесток критичар на претседателот Реџеп Таип Ердоган.




