Европските претставници го отфрлија најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор што е во корист на Москва и предупредија дека попуштањето пред Русија само ќе го охрабри Владимир Путин да нападне и членка на НАТО, пишува „Политико“.
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи, Каја Калас, му рече на тимот на Трамп дека нивниот нацрт-договор за прекин на огнот од 28 точки нема да успее без поддршката на Кијив и европските влади. Денес, Европа е најголемиот донатор на украинската одбрана, нагласува „Политико“.
Американскиот предлог предизвика тревога во европските престолнини, делумно затоа што тие беа целосно исклучени од неговото создавање, а најмногу затоа што, како што рече еден европски функционер, „тој не претставува ништо повеќе од списокот на желби на Путин“, според „Политико“.
Според условите на договорот, за кој широко известуваа меѓународните медиуми, Украина ќе биде принудена да ги предаде окупираните делови од источниот дел на земјата, да ја преполови својата армија и да се откаже од дел од своето моќно оружје.




