Европските пратеници sо мнозинство гласови усвоија резолуција во која бараат поголеми гаранции за заштита на личните податоци на Европејците, и со која побараа од земјите членки на Европската унија да му понудат заштита од прогон на поранешниот соработник на американските разузнавачки служби Едвард Сноуден.
Сноуден повеќе од две години живе во Русија со привремен азил со неможност да отпатува во некоја од латиноамериканските земји, поради американската и блокадата од нивните европски сојузници.
Пратениците ги повикаа земјите членки на ЕУ да се откажат од прогон, да му обезбедат заштита и, со тоа, да ја спречат неговата екстрадиција или враќање во трети земји, како признание за неговиот статус на предупредувач (свиркач) на опасноста и меѓународен поборник за заштита на човековите права.
Оваа точка од резолуцијата којашто се однесува на Сноуден, е прифатена со просто мнозинство, 285 гласови „за“, 281 гласови „против“ а 72 европратеници биле воздржани.
Резолуцијата којашто не е обврзувачка, туку е политичка, во целост ја изгласале 342 пратеници, против биле 274, а 29 биле воздржани.
Во неа пратениците изразуваат задоволство од неодамнешната одлука на Судот на правдата на ЕУ кој ја поништи правната рамка, „Safe Harbor“‘, за преносот на личните податоци меѓу ЕУ и САД во комерцијални цели, во аферата во којашто е вмешана и најголемата светска социјална мрежа Facebook.
Пратениците ја повикаа Европската комисија до крајот на 2015 година да подготви извештај за ефектите од таа одлука.
Европскиот парламент, притоа, изрази загриженост поради донесените закони во поедини земји членки во коишто се зголемуваат можностите за надзор од страна на разузнавачките тела.




