Европската агенција за лекови (ЕМА) ги предупреди денес земјите дека лековите од маларија кои се користат експериментално во третманот на вирусот корона може да имаат сериозни несакани ефекти, вклучително и напади и срцеви проблеми.
Агенцијата наведува во соопштението дека познато е оти хлорокин и хидроксихлорокин, двата лека посочени како потенцијален лек за ковид-19, предизвикуваат проблеми со срцевиот ритам кога се комбинираат со други лекови.
Во моментов нема одобрен лек за ковид-19, а десетици испитувања се во тек низ целиот свет.
Хлорокин и хидроксихлорокин веќе долго време се користат за лекување на маларија и антиинфламаторни заболувања, како што се ревматоиден артритис. Покрај проблеми со срцето, овие два лека можат да предизвикаат и несакани ефекти како што се оштетување на црниот дроб и бубрезите, напади и намалување на шеќерот во крвта.
Агенцијата наведе дека клиничките податоци сè уште се многу ограничени и дека позитивните ефекти на овие лекови за третман на ковид-19 не биле докажани.
Неколку клинички испитувања за ефикасноста на овие лекови за коронавирус користат дози повисоки од препорачаните, што може да го зголеми ризикот од несакани дејства, вклучително и ненормална електрична активност што може да го наруши срцевиот ритам.
Претходно овој месец, дел од студијата во Бразил беше прекината кога лекарите забележаа дека четвртина од пациентите кои земале хлорохин добиле неправилни отчукувања на срцето кога земале поголеми дози.
ЕМА ги охрабри лекарите и пациентите да пријават какви било сомнителни несакани ефекти до националните власти при употреба на двата лека.
„Овие лекови не треба да се користат без рецепт и без надзор на лекар“, велат од европската агенција.




