Бугарката Кристалина Георгиева, потпретседател на Европската комисија, планира да се кандидира за генерален секретар на Обединетите Нации на местото на Бан Ки-Мун чиј што втор мандат истекува на 31 декември 2016 година, јавува денес Еурактив.
На ова прашање портпаролот на Европската комисија (ЕК) Маргаритис Шинас изјави:
“Претседателот Јункер и г-ѓа Георгиева разговараа за ова но засега Георгиева е фокусирана на сегашната работа. Претседателот е воодушевен од нејзиното меѓународно искуство, нејзините преговарачки способности и огромниот капацитет за работа на Георгиева и сето тоа дава неизмерна поддршка во водењето на Европската комисија во овие предизвикувачки мигови”, рече тој.
Нема сомнение дека Георгиева ќе има многу против кандидати за оваа функција како нејзината сограѓанка Ирина Бокова која го води УНЕСКО. Згора на ова искуство во организација која е дел од ООН, Бокова е официјален кандидат на бугарската влада за функцијата.
Други кандидати за функцијата се министерката за надворешни работи на Хрватска Весна Пусиќ, Данило Турк, екс претседател на Словенија како и словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак.
Според македонските медиуми, кандидат на Македонија е Срѓан Керим, поранешен министер и амбасадор.




