Европскиот парламент го критикува пред-договорот постигнат во понеделникот на самитот на ЕУ и Турција за бегалската криза. Само демо-христијанската група брани некои од одлуките на самитот.
Лидерите на ЕУ и Турција дојдоа до принципиелен договор за интензивирање на соработката за да се намали бројот на бегалците во Грција и се договорија да се видат на 17 март за да ги договорат деталите.
ЕУ ги поздрави предлозите на Анкара која вети дека ќе ги земе назад кај себе бегалците. Според договорот, ЕУ ќе земе по легален пат онолку бегалци од Турција колку што таа ќе испрати назад во Турција. За возврат, Турција добива дополнителни 3 милијарди евра на веќе ветените 3 милијарди, безвизен режим и продолжување на преговорите за членство на Турција во ЕУ.
За лидерот на европските либерали Гу Верхофштад, станува збор за “пазар во кој треба да ги предадеме нашите вредности и принципи”. Тој додаде дека Турција е таа која ќе одреди кои лица можат да добијат азилантски статус во ЕУ а кои ќе се сметаат за економски мигранти и се запраша дали тоа соодвествува на Женевската конвенција за бегалците и меѓународното право.
Групата на зелените смета дека Европа се потчинува на авторитарен режим кој личи на режимот на Путин.
Социјалистите беа поумерени во критиките и сметаат дека договор со Турција мора да има но дека тоа треба да биде соработка а не договор во кој едната страна дава а другата само зема, изјави лидерот на социјалистите во Европскиот парламент Џани Питела.
Демо-христијаните од Парламентот го бранеа договорот. Нивниот претседател Манфред Вебер рече дека Турција е важен партнер а дијалогот е единствениот начин да се отпочне процесот на решавање на бегалската криза. Според него, изолирање на Турција би било грешка.
Во документот усвоен во Брисел на самитот ставена е и реченица во која од Турција се бара почитување на слободата на медиумите. Ова го бараа многу политичари кои беа шокирани од упадот на турската власт во опозицискиот весник Заман минатата недела.




