Европскиот парламент денеска ќе дискутира за владеењето на правото во Романија, откако романските власти се обидоа да ја спречат кандидатурата на антикорупционерката Лаура Ковеси за главен европски обвинител, стои во агендата за последната сесија на ЕП во Стразбур пред изборите за Европскиот парламент во мај.
Вечерва ЕП ќе расправа, а утре ќе гласа и за предлог закон за заштита на свиркачи.
Неодамнешните скандали, како Луксликс, „Панама Пејперс“и „Кембриџ Аналитика“ ја покажаа важноста на сигналите за откривање и спречување на прекршувања на правото на ЕУ, кои им штетат на интересот и благосостојбата на општеството, истакнаа подносителите. Со законот ќе се забранат сите форми на одмазда и ќе бидат создадени безбедни канали за известување.
Пратениците в среда ќе гласаат и за предлог-законот за отстранување на „терористички содржини“ од интернет во рок од еден час. А повикани се истиот ден да гласаат и за регулативата за намалување од 30 отсто на емисиите на ЦО2 на камионите во 2030 година. Активистката Грета Тунберг која веќе неколку месеци организира протести ширум Европа за поддршка на борбата против климатските промени е поканета да зборува во Европскиот Парламент. Иако Социјалдемократите, Зелените и радикалната Левица бараа таа да се обрати на пленарната седница, Европската Народна Партија и другите политички групи го одбија барањето, таа ќе зборува пред комисијата за животна средина.




