Новак Ѓоковиќ победи во изборот за европски спортист на годината во организација на полската новинска агенција (ПАП) во кој со свои гласови учествѕваа 23 новински агенции на стариот континент.
Српскиот тенисер, кој оваа година освои две гренслем титули (Вимблдон и Ју-Ес опен) и се врати на првото место на АТП ранг листата, доби 145 гласа, 13 повеќе од капитенот на хрватската фудбалска репрезентација, Лука Модриќ. Зад нив заврши Формула 1 шампионот, Луис Хамилтон со 114 бода.
ПАП избира европски спортист на годината веќе шест децении. Првиот го организира во 1958 година, а во годинашниот учествуваа АФП (Франција), Агерпрес (Романија), АНП (Холандија), АПА (Австрија), Анадолу Ајанси (Турција), АТА (Албанија), БЕЛГА (Белгија), БТА (Бугарија), ЦСК (Чешка), ДПА (Германија), ЕФЕ (Шпанија), ЕЛТА (Литванија), ХИНА (Хрватска), ЛЕТА (Летонија), ЛУСА (Португалија), Молдпрес (Молдавија), МТИ (Унгарија), СТА (Словенија), Танјуг (Србија), ТАСС (Русија), ТАСР (Словачка) и Укринформ (Украина).