Речиси 90 отсто од ЕУ туристите одморот го минуваат во Шпанија и Франција. Според ЕУ агенцијата за статистика Евростат, во Шпанија најчеста дестинација се Канарските острови и регионот Каталонија а во Франција најтуристичко место е регионот на Париз.

Во Каталонија во 2015 година се забележани 75,5 милиони ноќевања, потоа следат Канарските острови со 65,2 милиони ноќевања па Андалузија со 61,4 милиони ноќевања. Во Франција се регистрирани 76,8 милиони ноќевања во парискиот регион, потоа следи живописната Прованса со 54.6 милиони ноќевања па морскиот брег на Азурната обала со 54,6 милиони ноќевања.

И Хрватска добро се држи во овој список и се наоѓа на 4то место на табелата на најчестите туристички дестинации на Европјаните. На Јадран се избројани 68.1 милиони ноќевања.

ЕУ туристите кои решаваат да го минат одморот надвор од ЕУ одат во САД, Турција и Мароко.
Балканскиот туризам очигледно не им е доволно атрактивен на Европјаните па така само неколку проценти од Словенците, Хрватите и Грците одмараат во Босна, Србија или Албанија.
Македонија ја нема во овие најнови статистики на Евростат поради нискиот број туристи од ЕУ кои летуваат или зимуваат кај нас. Посетите на европските туристи во Македонија се премногу малубројни за да влезат во статистиката на најпосетените земји.
Најчести “патувачи” вон ЕУ се Британците со 28,4 отсто и Естонците со 27,9 отсто. Потоа следат Белгијците, Хрватите, Литванците, Австријците и Луксембуржаните. Одвај неколку проценти од Романците, Грците, Чесите, Португалците, Французите и Бугарите се решаваат за одмор да изберат земја надвор од ЕУ.
Околу 14 отсто жители на ЕУ одат на одмор во САД а помеѓу нив најмногу има Ирци, Французи, Луксембуржани, Унгарци, Полјаци, Финци, Швеѓани и Британци. Втората најсакана дестинација за одмор вон од ЕУ е Турција со 10.4 отсто патувања. Во Турција најчесто патуваат Бугарите, Чесите, Германците, Холанѓаните, Австријците и Романците. Третата земја за одмор вон од ЕУ е Мароко со 4,6 отсто патувања а таму најчесто можат да се видат Белгијците и Шпанците.




