Министрите од земјите членки на ЕУ денеска ќе разговараат за двегодишна суспензија на Шенгенскиот договор, пишува Фајненшел Тајмс .
Како една од причините за тоа, угледниот весник ги наведува „сериозните пропусти“ на грчката граница, кои ја „загрозуваат“ целата Шенген зона.
Фајненшел пишува дека најавата за расправа за суспензија на Шенген, се наоѓа во подготвителниот материјал за состанокот на ЕУ, при што се наведува дека суспензијата е најдрастичната мерка која ЕУ може да ја преземе во ваков случај.
Доколку министрите го поддржат овој предлог, на Европската комисија ќе и биде отворена можноста да затвори една или повеќе внатрешни граници на период од две години.
Всушност, како што наведува весникот, со тоа ќе се продолжат привремените гранични контроли кои летово се воведени на границите на Австрија и Германија.
Состанокот на министрите на ЕУ доаѓа по повеќе предупредувања до Грција да го преиспита односнот кон бегалската криза и да побара помош, или да се соочи со суспензија ан Шенгенскиот договор. Фајненшел Тајмс пишува дека во документот што го предлага Луксембург се споменуваат и други држави.




