Пишува за НОВА: Проф.д-р. Реаната Десковска – СДСМ
Во изминатиов период слушнавме најразлични толкувања на членот 90 од Уставот на Република Македонија кој го регулира прашањето за доделување на мандатот за состав на Влада. Како и многу пати до сега, повторно останав изненадена од проблематизирањето на прашања кои воопшто не се проблематични и давањето на толкувања без да се води сметка за елементарната логика.
Во уставната теорија се зборува за најразлични методи на толкување на уставот. Уставните правници во другите земји користат повеќе методи да го толкуваат уставот. Тие укажуваат на граматичкото или историското значење на јазикот на текстот; намерата на уставотворците; структурата на уставот како целина; целите кои требало да бидат остварени со одредбата; уставните прецеденти; и длабоко вкоренетите уставни вредности.
За жал, кај нас Уставот стана предмет на “силување” преку понекогаш брзоплети и паушални, во други случаи злонамерни, но и во едниот и во другиот случај крајно непрофесионални толкувања.“Толкувачите” на уставот, како да заборавија дека уставното толкување треба да остане над моменталните политички интереси и политички борби. Бидејќи секоја злоупотреба на правото, секое злонамерно толкување се враќа како бумеранг. Затоа треба верно да се следат принципите при толкувањето. А, како што вели Дворкин, уставното толкување може да остане над политичката борба, само ако верно ги следи принципите.
Членот 90 ст. 1 од нашиот Устав предвидува дека “Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена одконституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.”
Во чл. 90 ст. 1 од Уставот на РМ, содржани се неколку елементи: рок од 10 дена од конституирање на Собранието и обврска на претседателот на Република Македонија да го додели мандатот за состав на Влада на кандидат зад кој стои партија или партии кои имаат мнозинство во Собранието.
Најнеспорно е дека за оваа исполнувањето на оваа обврска на претседателот, Уставот поставува рок: десет дена од конституирањето на Собранието.
Во однос на другиот дел од одредбата се јавија две толкувања.
Според првото толкување, уставната одредба поставува и два кулмулативни услови: прво, одредена партија, односно партии да постигнале мнозинство во Собранието, и второ, партијата, односно партиите што постигнале мнозинство во Собранието да одредиле кандидат на кој ќе му биде доверен мандатот. Условите се поставени кумулативно, односно неопходно е исполнување и на двата услови со цел да настане обврската на претседателот на Републиката да го додели мандатот.
Во правната доктрина, под услов се подразбира иден неизвесен настан, од чие настанување зависи создавањето или престанокот на одредено право или обврска. Значи, во конкретниот случај, за да може претседателот на Републиката да ја исполни својата должност и во уставно одредениот рок од десет дена по констититуирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на влада, потребно е претходно одредена партија, односно партии да постигнале мнозинство во Собранието и таа партија или партии да одредиле кандидат за мандатор.
Се јавија дебати околу тоа какво мнозинство треба да има партијата, односно да имаат партиите на чиј кандидат треба да му се даде мандатот. Уставот не зборува за партија со најголем број пратеници, туку за партија, односно партии кои имаат мнозинство во Собранието. Во истиот член 90 став. 3 е определено дека Владата, напредлогнамандаторотиврзоснованапрограмата, јаизбираСобраниетосомнозинствогласовиодвкупниотбројпратеници.Од толкување на целината на уставната одредба, јасно е дека мандатот се доделува на кандидат на партијата односно партиите кои имаат мнозинство со кое се избира Владата, односно апсолутно мнозинство. Тоа во моменталниот состав на Собранието е 61 пратеник.
Со оглед на тоа што условите (мнозинство во Собрание и кандидат на мнозинството) се поставени кумулативно, односно неопходно е исполнување и на двата услови, на претседателот на Републиката му се оставени 10 дена: да се утврди кои партии имаат мнозинство во Собранието и кој е нивен кандидат за мандатар. На кој начин тој ќе го добие уверувањето дека одредена партија или партии постигнале мнозинство во Собранието, во Уставот не е пропишано, но и не може да очекуваме дека Уставот ќе ги регулира сите детали.
Сепак, најлогично е тоа да се оствари преку непосредни консултации со парламентарните партии, поеднинечни или заеднички. Претседателот може да добие уверување за формирано мнозинство од усни изјави на лидерите на партиите, па се до писмени соопштенија или собрани потписи за поддршка на одреден кандидат за мандатар. Сепак, на крајот претседателот треба да ги сумира резултатите од консултациите, и да го обзнани своето уверување дека одредена партија или партии постигнале парламентарно мнозинство кое подржува одреден кандидат на кој ќе му биде доверен мандатот за состав на влада, или пак да ја информира јавноста дека од консултациите произлегло дека нема мнозинство во Собранието.
Ситуацијата е лесна и јасна доколку може да се утврди мнозинство во Собранието и тие имаат свој канидат. Но, се поставува прашање, што доколку ниедна партија или коалиција не постигне мнозинство во Собранието.
Според ова толкување, сооглед на тоа што условите кои ги поставува членот 90 од Уставот се комулативни,доколку тие не се исполнети (нема мнозинство кое поддржува кандидат за мандатар), не настанува обрската (должноста) на претседателот на РМ да го довери мандатот за состав на влада на било кој кандидат. Уште повеќе, доколку се има предвид уставниот принцип на владеење на правото и на ограниченоста на носителите на државните функции со Уставот и со законот, според ова толкување, би произлегло дека претседателот нема право (надлежност) да го довери мандатот на било кој кандидат, доколку не бидат претходно исполнети и двата услови.
Во ситуација кога не настанала обврската (должноста) на Претседателот за доверување на мандатот за состав на влада на одреден кандидат, поради тоа што не е исполнет условот одредена партија односно партии да постигнале мнозинство во Собранието, или пак, кога партијата (партиите) што постигнале мнозинство не определиле кандидат за мандатар за составување на влада, се поставува прашањето, што понатаму? Во Уставот не е предвидено решение за таквата ситуација, поради што е неопходно преку толкување на постојните уставни одредби, да се изнајде решение за ваквата ситуација.
Ако се следи логиката на ова толкување, со истекот на десетиот ден, Претседателот е должен да констатира дека не се исполнети условите за доверување на мандатот за состав на влада, по што би започнал да тече нов десетдневен рок во кој тој повторно треба да врши консултации дали одредена партија или коалиција има мнозинство во Собранието. И така, постапката би продолжила се додека не се остварат условите за доделување на мандатот за состав на влада.
Според аргументите на ова толкување, г. Ѓорге Иванов не смееше да го додели мандатот на Никола Груевски затоа што се знаеше дека тој нема мнозинство во Собранието. Мнозинство се постигнува со поддршка од 61 пратеник, а не со 51.
Второто толкување на членот 90 наводно произлегува од досегашната пракса, заради што е потребна анализа за да се утврдат сличностите и разликите со минатото.
Според ова второ толкување, доколку ниедна партија нема мнозинство во Собранието, претседателот на Република Македонија го доделува мандатот на кандидат на партијата со најголем број пратеници. Потоа, доколку мандатарот во рок од 20 дена не предложи состав на Влада и програма, мандатот се доделува на кандидат на втората партија по број на пратеници во Собранието. Ако и таа не успее да формира влада, мандатот се доделува на кандидат на следната партија по број на пратеници итн., се додека некоја партија не успее да предложи Влада во Собранието.
Како аргумент во прилог на ова толкување се истакнува праксата од 1992 година, кога претседателот Киро Глигоров по падот на експертската влада, прво го додели мандатот на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, кој не успеа да формира влада. Потоа мандатот му беше доделен на г. Петар Гошев, како кандидат на СДСМ. Во тој период СДСМ успеа да создаде коалиција која имаше мнозинство во Собранието, но г. Гошев од лични причини се откажа од мандатот за формирање Влада. СДСМ предложи нов мандатар г. Бранко Црвенковски, кој беше избран за премиер.
Да потсетиме, дека всушност Владата во 1992 година е прва влада формирана врз основа на уставните одредби од 1991 година. Експертската влада на г. Кљусев беше формирана пред донесување на Уставот од 1991 година.
Но, за да се влечат паралели со ситуацијата во 1992 година, треба да се знаат причините зошто претседателот Киро Глигоров по паѓањето на експертската влада, го доделил мандатот прво на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа на СДСМ. Од автобиографските искажувања и пишувања на учесниците во политичките настани, но и од стенографските белешки од седниците на Собранието на Република Македонија може да се заклучи дека по изборите во 1990 година политичките партии кои учествувале во Собранието направиле еден взаемен договор за распределба на политичките функции и за заедничка поддршка и избор на носителите на власта во тоа време. Како резултат на таквиот договор, г. Киро Глигоров е изгласан со 2/3 мнозинство во Собранието за претседател на Република Македонија, Стојан Андов за претседател на Собранието, а претседателот на државата да предложи мандатар, кој ќе произлезе од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа може да се прочита од стенографските белешки од седницата на Собранието при избор на експертската влада на чело со премиерот Никола Кљусев.По паѓањето на експертската влада, се правеле обиди да се формира нова политичка влада со поддршка од сите партии во Собранието, а врз основа на договорот од 1990 премиерот да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За таквиот обид за формирање концентрациона влада составена од сите партии во Собранието може да се прочита од стенографските белешки за избор на Владата во 1992 година. По неуспехот на првиот мандатар да предложи Влада и програма, мандатот го добива г. Гошев, како кандидат на СДСМ. СДСМ договорило мнозинство во Собранието и успеа да ја формира Владата.
Во јавноста се споменуваат и случаите на доделување на мандат во 2006 година на ВМРО-ДПМНЕ со освоени 45 пратеници. Во овој случај веднаш по конституирањето на Собранието беше јасно дека ВМРО-ДПМНЕ има согласност за коалиција со НСДП и ДПА и покрај тоа што на правата седница не беше избран претседател на Собранието. Инаку, изборот на претседател на Собранието не е нужен услов за конституирање на Собранието.
Примерите од 2002, 2006 и 2011 година не можат да послужат за паралела со денешнава ситуација бидејќи во оние години јасно беше кој ја има мнозинската поддршка во Собранието. Еднинствено може да се прави паралела со ситуацијата во 1992 година, но при тоа треба да се води сметка за политичкиот контекст и политичките договори кои постоеле при распределбата на функциите. Но, и покрај тоа, мојот впечаток добиен врз основа на читање на искажувањата на некои од учесниците во тие настани и читање на собраниски стенограми е дека претседателот Киро Глигоров во својата одлука за доделување на мандатот тргнал од две премиси: претходниот договор за распределба на функциите и бројот на освоени пратенички места во Собранието.
Г. Ѓорге Иванов избра да го следи второво толкување со тоа што го даде мандатот на г. Никола Груевски и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Собранието. Во поддршка на неговото однесување е праксата од 1992 година на доделување на мандтот прво на г. Љупчо Георгиевски, а потоа на г. Петар Гошев, која била прифатена и не била оспорена од ниту еден политички субјект во тоа време.
Г. Иванов може да го оправда своето однесување со примерот од 1992 година на доделување на мандатот на партиите по редослед на освоени пратенички места. Но, ако се определил да го прифати тоа толкување треба да биде конзистентен во неговото однесување и сега мандатот да го додели на втората партија по број на пратеници во Собранието. Иванов не може да си “шалта” од едно на друго толкување, во зависност од тоа што им одговара на ВМРО-ДПМНЕ. Консултациите кои сега ги врши се закаснети. Особено консултациите со правници и претставници на Уставниот суд. Со тоа праќа порака дека не го интересираше уставната одредба од членот 90 пред да му го додели мандатот на Никола Груевски. Сега оддеднаш почна да се преиспитува за значењето на уставната одредба. Ако одеднаш се “просветли” дека треба да се приклони кон првото толкување на членот 90 според кое не треба да го дава мандатот на никого, доколку не добие уверување дека некоја партија, односно партии имаат мнозинство во Собранието, со тоа г. Иванов признава дека веќе го прекршил Уставот со давањето на мандатот на г. Груевски и за тоа треба да си поднесе оставка. Поднесување на оставка е она што следи кога еден претседател ќе го прекрши највисокиот правен акт во една земја.
Значи г. Ѓорге Иванов е пред дилемата: да се однесува согласно уставната пракса од 1992 година и да го даде мандатот на кандидат на втората партија по број на пратеници или да признае дека згрешил, односно направил злоупотреба првиот пат кога го дал мандатот на г. Груевски и да си поднесе оставка заради кршење на Уставот. Опција за повторно давање на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ или на некој трет, без при тоа тој да му презентира во овие десет дена поддршка од 61 пратеник, нема.