Во бриселските атентати загинаа американски државјани па ФБИ и полицијата на Њујорк одлучија веднаш да испратат делегација која ќе отвори сопствена истрага, најави во вторникот вечер Џон Милер, висок функционер на антитерористичката полиција на Њујорк.
– Доаѓаме затоа што има американски жртви и лица од САД во бриселските атентати и ќе има истрага на ФБИ, рече тој.
Четворица мормонски мисионери се ранети. Од нив тројца се во тешка состојба а се чини дека загинал еден припадник на американската воздушна армија. Но точниот број на американските жртви во Брисел не беше соопштен.
Се уште исто така не е познат точниот број на жртвите од денешните терористички напади. Последните информации велат дека има околу 30 загинати и над 200 ранети.
Според директорот на ургентните служби на една бриселска болница, повеќе лица се во животна опасност и можно е трагичниот биланс на жртвите да се зголеми.
Во меѓувреме полицијата врши претрес во една бриселска општина каде што се пронајдени експлозивни направи, хемиски производи и знаме на терористичката организација Исламска држава која јави дека стои зад атентатите.
Адресата за претресот е откриена благодарение на таксист кој ги возел терористите на аеродром во вторникот рано наутро и се јавил во полиција откако ја видел сликата на која фигурираат тројца мажи и разбрал дека се трага по едното од трите лица. Другите двајца се разнеле со експлозив на аеродромот.
Холандија, земјата претседавач со ЕУ, ги повика шефовите на европските дипломатии да одржат средба во четврток во Брисел и да разговараат за последните трагични настани во Брисел.




