Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Сител истакна дека Владата води неискрена политика во однос на европските интеграции и свесно го пролонгира процесот без визија и без храброст.
„Сметам дека повикот за консензус на таа тема не е искрен целосно од страна на власта. Сметам дека нема никаква намера да се направи чекор напред кон евроинтеграциите.“
Филипче потсети дека францускиот предлог беше прифатен во отсуство на подобра опција, со јасна перцепција дека тоа е единствениот реален пат.
„Тоа што ние сме го прифатиле францускиот предлог е затоа што таков предлог дојде спремен од Европската Унија и ни беше јасно дека друга шанса нема да имаме.“ – рече Филипче.
Тој потсети дека и самата ВМРО-ДПМНЕ, и во критиките, и во ветувањата, знае дека „друга опција нема“, а токму на тоа, како што рече, ја добија и довербата лани. Филипче истакна дека СДСМ дава бланко поддршка ако издејствуваат подобри услови. Но откако тие услови не доаѓаат, Филипче предупреди дека не смее државата бесцелно да чека. Наместо тоа, СДСМ предлага конкретен механизам за заштита на државните интереси:
„Ајде тогаш да донесеме заедничка резолуција наша во Собранието, во која ќе ги кажеме нашите црвени линии. Еве ако тоа се случи ново вето, да ги прекинеме преговорите со ЕУ“, предложи Венко Филипче.
Филипче предупреди дека Македонија губи време и можности. Младите гледаат застој и тоа директно влијае на нивната одлука да ја напуштат државата.
„За прв пат во анкетите се појавува прашањето на иселувањето на младите како едно од најважните проблеми, веднаш после правосудството, корупцијата и евроинтеграциите.“
Иако ВМРО-ДПМНЕ тврди дека прашањето на ЕУ не е приоритет, истражувањата покажуваат спротивно:
„Огромна поддршка има и кај Македонците, и кај Албанците. Не смееме тоа да го занемариме. Сметам дека се губи време. Сите се свесни дека ние подобар предлог нема да добиеме и ја охрабрувам Владата да каже до кога ќе се обидува“, заклучи Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Сител истакна дека партијата постојано нуди конкретни, издржани и конструктивни предлози во интерес на граѓаните и државата, но дека владата систематски ги одбива без аргументи.
„Ние сме најмногу конструктивни. Прашање е – што прифаќа Владата? Треба да работиш за доброто на граѓаните и на целата држава, за да конструктивните предлози после се усвојат,“ посочи Филипче.
Како примери за блокирање на политики кои би имале реален ефект врз животниот стандард на луѓето, тој ги наведе следниве:
„Имаме предлог за зголемување на минималната плата на 500 евра. Владејачкото мнозинство го одби. Имавме предлог за намалување на ДДВ-то на основните прехранбени производи, како и на струјата и парното за одреден временски период.“ – рече Филипче.
„Бев кај премиерот, понудив заедничка работа, работни групи за реформската агенда. Владата не само што ги одбива предлозите, туку со својата неефикасност нанесува директна штета на државата. Поради лошиот перформанс на министерот од ЗНАМ, се губеа пари. Нема реформски закони кои ги донесовме во правосудството. Од реформската агенда 8 или 9 закони, нема ниту еден поднесен“, рече Филипче
„80 милиони евра веќе се изгубени затоа што сме ги испуштиле роковите. Не ги прифатија нашите сугестии. Законите не се усогласени со препораките на оценската мисија, тука има повторна партиска интервенција“, вели Филипче.
„Кога двете ќе ги споредите, растот на платите во времето на СДСМ, индексно гледано, беше 11%, сега е 4%. Ако сакате во номинални бројки – растот на платите тогаш беше 15%, а сега е само 8%,“ изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ, во интервју за телевизија Сител.
Филипче потсети дека ваквиот раст на платите во времето на СДСМ е остварен во услови на глобални кризи, додека денешната влада нема никакво оправдување за лошиот економски перформанс.
„За време на кризи, кога дополнителни 2 милијарди евра отидоа како мерки директно кај граѓаните и кај компаниите – за да се зачуваат работните места, да се спасат фирмите.“
Тој истакна дека токму во тој период минималната плата е зголемена од 8.000 на 22.000 денари, а просечната плата од 22.000 на над 40.000 денари.
Наспроти ова, денес граѓаните се соочуваат со енормно поскапување на животот, а владата не нуди ништо освен празни ПР-пораки.
„Потрошувачката кошничка, која споредуваме сега ова лето со минатото, од 60.000 е дојдена до 65.000 денари. Не може да дозволи повеќе од две минимални плати да бидат потребни за основна кошничка, а сега се потребни три.“
Филипче предупреди дека економската состојба директно ги удира граѓаните во најосновното – храна, сметки, животен стандард.
„Граѓаните не можат крај со крај да излезат. Што им кажува владата? Да немаат еден оброк во денот? Тоа ли сака владата да каже? Или сака тоа да го изманипулира со некакви ПР трикови? Па во маркет граѓаните плаќаат со недоволните средства кои ќе им ги дава владата, не со ПР-триковите на ВМРО-ДПМНЕ“.
Претседателот на СДСМ подвлече дека лошите економски резултати се единствената причина поради која власта постојано се враќа на црни кампањи.
„Апсолутно лош перформанс, кој ќе сакаат да го покријат со црни кампањи,“ изјави Филипче.
Наместо намалување, цените за училишен прибор растат, мерката на Владата е лажна
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за телевизија Сител ја оцени како целосно манипулативна мерката на Владата со која се тврди дека цените се намалени за 15%.
„Ние направивме анализа, А4 тетратките за децата се поскапени 30% во споредба со почетокот на годината. Детските ранци се дупло поскапени, а сега владата ќе ги намалува за 15%“ рече Филипче, укажувајќи дека реалната состојба на терен е спротивна од она што го тврдат владини претставници.
Според Филипче, оваа мерка доаѓа доцна и без вистински ефект врз граѓаните. „Не воделе сметка претходно, и сега, наводно, сакаат да направат некаква мерка. Граѓаните повторно ќе плаќаат високи цени и ништо нема да почуствуваат“.
Филипче посочи и на расипничкиот стил на трошење на актуелната власт, потенцирајќи дека додека граѓаните се борат со ценовни шокови, Владата живее привилегиран живот.
„Во наше време никој не леташе со бизнис класа. Кога се случи еден директор така да лета веднаш си поднесе оставка. Сега цела влада лета со бизнис класа. Во наше време, владата не се нарачуваше ни манго, ни папаја, ни бејби биф, имаше обични јадења во ресторанот на владата“, изјави Претседсателот на СДСМ Венко Филипче во вечерашното интервју за телевизијата „Сител“.