Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за ТВ Телма посочи дека Мицкоски нема одговор на ниту едно од суштинските прашања поврзани со проблемите со кои се соочува државата и граќаните, и затоа, наместо решенија посегнува по закани и навреди.
Тоа му е само еден дел од фарсата, од циркусот кој што го прави затоа што нема одговор на вистинските прашања кои што му ги поставуваме секојдневно, кои што јас денеска му ги поставив на седницата за пратенички прашања. Мицкоски не одговори на ниту едно прашање. Му наредив бројки кои што тој после во неговиот одговор ги манипулираше. И кога нема одговор на тоа, зошто ништо не направи добро за државата, не го подобрува квалитетот на живот, ја блокираше земјата, тој посегнува по такви закани. Ама тоа се многу сериозни закани, рече Филипче.
Во интервјуто претседателот на СДСМ нагласи дека е недозволиво премиер на една држава да комуницира со јавноста на начин што не доликува на демократски стандарди и политичка култура.
Има ли премиер во Европа кој што така се однесува како Мицкоски? Има ли премиер во развиена демократија кој што така си дозволува да се однесува? Прво, кон било кој човек. Не само кон претседател на друга партија или кон пратеник. На што личи тоа? И другиот негов речник – котиња, талог и така натаму, рече Филипче.
Тој додаде дека ваквиот начин на комуникација не само што ги деградира политичките противници, туку ги омаловажува и граѓаните, а воедно претставува пресликување на авторитарни политички модели од регионот.
Кога јас сум користел таков речник? Никогаш. Што сака да каже Мицкоски? Зошто треба премиерот на нашата земја да го доживуваат и нашите луѓе, и во странство, дека така се однесува? Дека користи таков несоодветен речник? Зошто? Зашто ги омаловажува сите граѓани на оваа држава? И има голема вистина во релациите кои ги негуваат ВМРО и Мицкоски со Србија и до пред некое време со Унгарија, особено како ги практикуваат тие трикови кои потекнуваат од Орбан, а кои сѐ уште ги аплицира Вучиќ, рече Филипче.




