Тимот на Фондот за иновации и технолошки развој првпат одржа консултативна средба со странските донатори за планираните активности во новата годишна програма на Фондот за 2022 година.

– Земајќи го превид перформансот на Северна Македонија по однос на Глобалниот иновациски индекс и Европското иновациско рангирање, како и врз основа на наодите и препораките од ОЕЦД поврзани со јавните политики за конкурентност, иновации и поддршка на развојот на микро, малите и средните претпријатија, ФИТР го креираше новиот пристап за поддршка на иновативната дејност за следната година, соопшти ФИТР.

Пред претставниците од Светска банка, Делегација на ЕУ, Амбасада на Швајцарија, Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ – Северна Македонија, проектот EU4Growth, УСАИД, Македонија2025, EBRD BAS, EBRD Advice for Small Businesses (Советување на мали бизниси во Северна Македонија), Swiss EP – Швајцарската програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), АмЧам Северна Македонија, Амбасада на САД во Северна Македонија, беа претставени петте клучни столбови кои ќе бидат во фокусот на Фондот во 2022 година.

Во рамките на „Venture Capital”  во Северна Македонија, Фондот за следната година во својата програма предвидува хибриден Инвестициски фонд од 27 милиони евра, во кој државата ќе инвестира 10 милиони евра, нов инвестициски пристап за акцелератори со фокус на инвестициска подготвеност за стартапи како и јавен повик за комерцијализација на иновации со нов пристап на привлекување на инвестиции од приватниот сектор.

– Пред донаторите беа претставени и активностите поврзани со директно финансирање кои опфаќаат јавен повик за технолошки развој, технолошка екстензија со која ќе се зајакне поддршката на коморите односно иновациските кластери, јавен повик за стартап компании, колаборативни грантови, иновациски ваучери, ваучери за дигитални иновации како и програма за корпоративни иновации, информира ФИТР.

Претставниците на ФИТР со присутните дискутираа и за планираните тематски инвестиции во агритехнологија преку јавен повик за комерцијализација на земјоделската технологија, социјално претприемништво, бизнис импакт стартапи и диптек стартапи преку јавен повик за стартапи и засебен фонд за дигитализација во јавниот сектор.

Фондот за наредната година во својата програма предвидува и инвестиции во нови полиња од областа на: зелена технологија, финтек и  технологии во здравството.

Петтиот столб на кој ќе продолжи да работи ФИТР и во 2022 година ќе подразбира инвестиции во иновациска инфраструктура, дигитални иновациски хабови, нови ФабЛабс лаборатории, акцелератори, нови менторски програми и поддршка за младите преку програмите Апшифт, Џуниор ачивмент и јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“.