Американската сојузна држава Северна Каролина е погодена од силни ветрови и дождови предизвикани од ураганот Флоренс, кој беснее над Атланскиот океан. Најтешко погоден е крајбрежниот град Њу Берн, каде има извештаи за граѓани отсечени во поплавени населби.
Ураганот вчера ја намали силата со која се движеше, откако неколку дена се движеше директно кон атланскиот брег на САД, и загуби дел од својата сила, но се уште се смета како бура од категорија 1, која може да предизвика сериозни поплавувања и да предизвика човечки жртви.
– Иако непоканет, ураганот Флоренс само што не пристигнал, изјави гувернерот на Северна Каролина Рој Купер, кој нареди евакуација на илјадници жители од најизложените крајбрежни подрачја.
Флоренс носи ветрови со брзина од 175 километри на час и поројни дождови, при што проценките се дека наместа ќе паднат до 75 сантиметри дожд. Илјадници домови се оставени без струја, а граѓаните се подготвуваа за бурата што доаѓа со трупање резерви на храна и вода за пиење, стравувајќи дека поплавите ќе ги загадат водоводните системи.
Флоренс е закана за 10 милиони луѓе, додека милион веќе се евакуирани од крајбрежниот појас на Северна и Јужна Каролина и сојузната држава Вирџинија, што предизвика километарски гужви и застои на патиштата кон запад. Најмалку 12.000 лица побарале сместување во 126 засолништа.
Вонредна состојба е прогласена во државите Џорџија, Јужна и Северна Каролина, Вирџинија, Мериленд и Вашингтон. И покрај повиците дел од населението одби да се евакуира.






