Новоизбраната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека е потребно време за решавање на отворените прашања околу идните еврокомесари.
Таа ја даде изјавата неколку часа откако Европскиот парламент го отфрли и третиот кандидат за еврокомесар, предлогот на Макрон, Силви Гулар. Досега 23 кандидати се одобрени во транспарентен и демократски парламентарен процес.
Според неа, останува отворен процесот за определувањре нови кандидати од Франција, Унгарија и Романија.
– Ние треба да го забрзаме процесот, но на сите земји им треба време да ги одредат следните
чекори, додаде Фон дер Лајен по вонредната средба со претседателот на ЕП и шефовите на парламентарните групи од мнозинството од Европска народна партија, социјалистите и „Обновете ја Европа“.
Комисијата на Фон дер Лајен требаше да биде изгласана од ЕП на 23 октомври, за да стапи на должност од 1 ноември. Ако овие рокови не се почитуваат, ЕК со која претседаваше Жан-Клод Јункер ќе остане да работи подолго, но по 31 октомври нема да може да донесува одлуки и предлага ново законодавство на ЕУ.
Досега пратениците ги отфрлија унгарскиот кандидат Ласло Трочањи и Романката Рована Плумб бидејќи не ги задоволуваат критериумите во однос на конфликт на интереси. Унгарскиот премиер Виктор Орбан потоа го предложи актуелниот унгарски амбасадор во ЕУ Оливер Вархели за местото комесар за проширување.




